Американската крајбрежна стража во својот извештај за подморницата „Титан“, во која загинаа пет лица во 2023 година, наведува дека имплозијата можела да се спречи.
Подморницата, во која се наоѓаа пилотот Стоктон Раш и патниците пакистанскиот тајкун Шахзада Давуд и неговиот син Сулеман, британскиот авантурист Хамиш Хардинг и експертот за „Титаник“ Пол-Анри Нарџоле, доживеа имплозија во близина на остатоците од „Титаник“, при што сите загинаа.
Патниците платија по 250.000 долари за да ги видат остатоците од бродот што беше уништен во една од најлошите поморски катастрофи на 20 век, со речиси 1.500 смртни случаи.
Потрагата по исчезнатата подморница го привлече вниманието на целиот свет. „Титан“ беше во сопственост на американската компанија „Оушенгејт“.
Несреќата доведе до низа тужби и повици за построга регулација на развојот на индустријата за приватни експедициски активности во длабоко море.