По 16 долги години, владеењето на Виктор Орбан во Унгарија би можело да заврши. Најновата анкета покажува дека владејачката коалиција продолжува да заостанува зад својот главен конкурент за 10 проценти, што е најголемиот предизвик за унгарскиот премиер досега, пишува „Јутарњи“.
Анкета спроведена од агенцијата „Завец рисрч“ на репрезентативен примерок од 1.000 луѓе помеѓу 19 и 24 јануари и објавена од порталот „Телек“ открива дека опозициската Тиса предводена од Петер Маѓар има 49 проценти поддршка од гласачите, во споредба со 39 проценти за Фидес на Орбан.
Тиса ја консолидира својата позиција како главен конкурент и ги мобилизира клучните групи гласачи, особено помладите и урбаните гласачи. Тиса, исто така, има двојно повеќе гласачи во Будимпешта и меѓу високообразованите, додека Фидес има поголема поддршка само меѓу гласачите над 60 години.












