По повеќе од една деценија застој, Скопје конечно ќе ја добие Универзалната сала во сјајот што го заслужува, ќе стане симбол на културата на нашиот град, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
-Вчера беше завршена постапката за избор на изведувач, донесена е Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за реконструкција на објектот по принцип „Клуч на рака“. По завршување на законските рокови и потпишување на договорот, ќе започнат градежните активности, потенцира тој.
„Особено сум горд што за само една година успеавме да откочиме процес долг една деценија. Преземени се сите потребни мерки: нова проектна документација, измени на постојниот проект и обезбедување на предуслови за успешна реализација.
Универзалната сала е симбол на Скопје, со над 5.000 настани и над 5.800.000 посетители досега. Сега повторно ќе стане центар за културни настани и собирање на граѓаните, а ќе биде и дел од „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Рокот за реализација е предвиден до декември 2027 година“, потенцира во објавата Љутков.
Благодарност до сите кои беа дел од процесот. Универзална сала повторно подготвена да го одбележи културниот ритам на Скопје, објави Љутков.