Од Скопје, отсега може да се лета до два града во Шпанија. По Барселона, од вчера Скопје е поврзан со директен лет со Мадрид, а според најавите на вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во наредниот период ќе има уште. По пристигнувањето на патниците од Мадрид, Николоски рече дека се отворени 21 нова директна авиолинија, а како резултат на промената во политиката за субвенционирање се зголеми и бројот на патници на скопскиот и на охридскиот аеродром.
Линијата до Мадрид ќе ја опслужува „Визер“, со субвенции од Владата.

– Поврзувањето на двата главни града на Македонија и на Кралството Шпанија е многу значајно за развој на туризмот, бизнисот, размената во делот на културата, нешто што навистина значи многу. Лани заедно со ТАВ направивме нова стратегија во начинот на субвенционирање, иновативна политика во субвенционирањето, со што субвенциите ги зголемивме двојно од претходно. За Скопје, субвенцијата е 9 евра, а на охридскиот аеродром 12 евра за патници во доаѓање, што значи дека стимулираме што повеќе патници да доаѓаат во Македонија. Како резултат на тоа, денес гордо можам да споделам дека во периодот јануари – октомври годинава има пораст на бројот на патници, односно вкупно 2.862.677, што далеку го надминува бројот на жители во Македонија – рече Николоски.
За амбасадорот на Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, ова е историски ден бидејќи, како што нагласи, првпат двата главни града се поврзуваат со директен лет. Тој ја истакна важноста и на неодамна воспоставената авиолинија со Барселона и порача дека поврзувањето е предуслов за подобрување на билатералните односи помеѓу двете земји.
– Убеден сум дека овој нов лет ќе биде многу успешен и ќе биде пресвртница во размената во туризмот, економијата, културата и ќе биде предуслов за поврзување на нашите две земји – рече амбасадорот Ортиз.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, истакна дека Мадрид е една од најпосакуваните дестинации на македонските патници. Тој посочи дека оваа авиолинија, како и четирите нови што почнаа да сообраќаат овие денови, се доказ дека поврзаноста на Македонија со Европа се зголемува.
– Со зимскиот ред на летови, применлив од изминатиот викенд, Меѓународниот аеродром „Скопје“ е поврзан со вкупно 49 редовни дестинации во текот на целата година и 13 чартер летови. За нас во „ТАВ Македонија“, секоја нова дестинација значи повеќе можности за нашите патници, за туризмот и за економијата, но и за нови пријателства меѓу луѓето – истакна Курт.












