Глоба од 3.075.000 денари (50.000 евра) му изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата на секое од четирите трговски друштва со прехранбени производи што беа фатени како договарале цени. Казна од 1.143.000 денари (18.585 евра) заработи и Сојузот на стопански комори за незаконско однесување, односно поради тоа што ги координирал. Според КЗК, казнетите трговци и Сојузот на стопански комори го прекршиле Законот за заштита на конкуренцијата и изречените глоби треба да превенираат идни нарушувања на пазарот и заштита на потрошувачите и на пазарната конкуренција.

– Во постапката е утврдено дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година, учесниците постигнале усогласен став за неприфаќање нови или зголемени ценовници од набавувачите, со што ја замениле состојбата на независно пазарно однесување со состојба на практична координација. Овој вид однесување по својата природа претставува т.н. by object ограничување на конкуренцијата, кое е забрането, без потреба од дополнително докажување на пазарните ефекти – соопшти КЗК.

Сојузот на стопански комори беше казнет со 2.000 евра за откриеното картелско здружување на четири компании, членки на ССК. Претседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски, неодамна рече дека е платен само дел од казната и навести дека се очекува нова, повисока глоба од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

– Тоа е причината што имаше расчистување во Комората и поради кое сум јас нов претседател на ССК. Имаме многу поквалитетен Управен одбор и очекуваме да одиме во насока на додадена вредност и да се работи и во интерес на бизнисот и во интерес на државата – рече Ѓорѓиевски.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, неодамна изјави дека добил сознанија од КЗК, која го следи спроведување на Законот за нефер трговски практики, дека од своја страна изрекла 30 налози за глоба и дека тие постапки се пред Управниот суд.

– Која ќе биде висината на глобите изречени за непочитување на овој Закон за нефер трговски практики, наскоро треба да очекуваме од Управниот суд да има конечни пресуди. Во овој период, има многу повеќе пријави од набавувачи, кои се многу поохрабрени отколку на почетокот, кога започна Законот за нефер трговски практики. Очекувам дека во иднина ќе имаме уште повеќе вакви пријави од набавувачи што се уценети од трговците – потенцира Ристески.

Со цел да се натераат трговците да го почитуваат Законот за нефер трговски практики, Ристески најави дека ќе има интервенции во законското решение, во насока на зголемување на глобите.

– Во овој период, увидовме и ќе настојуваме наредната година да има одредени технички промени во Законот за нефер трговски практики. Една од промените ќе биде повеќекратно зголемување на глобата, бидејќи највисоко утврдената глоба сега изнесува 20.000 евра, која ја сметам за мал минимален износ, особено за поголемите синџири маркети, кои може многу лесно да ја платат. Очекуваме да го дадеме ова, како предлог, на почетокот од наредната година да биде усвоено од Владата и од Собранието за да може да се спроведува од 2026. Кога ќе имаме повисоки казни и поголемо удирање по џебот на трговците, ќе имаме поголемо почитување на Законот – рече Ристески.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ