Членовите на Синдикатот на УПОЗ, преку Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ, веќе десет години имаат можност да остварат право на неповратна парична помош за своите првачиња. Во период од 2014 до 2024 година, вкупно 2034 членови на Синдикатот на УПОЗ го имаат остварено правото, во вкупен износ од 6.102.000 денари неповратна парична помош.
– Новитет од оваа година, согласно со Одлука на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ донесена на 20. седница одржана на 19.02.2025 година, е зголемувањето на износот на паричната помош за прваче. Така, почнувајќи од 2025 година, секој член кој го остварува ова право со поднесена комплетна документација ќе добива 4.000 денари еднократна парична помош – велат од УПОЗ.
За остварување на ова право, родителите на прваче, кои се членови на Синдикатот на УПОЗ, преку претседателот на синдикалната организација треба да достават мислење кое го пополнува претседателот на синдикалната организација, барање од членот на Синдикатот на УПОЗ, како и потврда за упис во прво одделение и копија од извод на родени за детето.
– На сите родители членови на Синдикатот на УПОЗ, им го честитаме почетокот на основното образование на нивните најмили, а истовремено им посакуваме успешна и среќна нова учебна година на сите ученици – велат од УПОЗ.