По 30 години, достоен сообраќаен пристап до Пеленица

25

Интензивно се работи на реконструкцијата на патот што води кон Пеленица, една од фреквентните, но со децении запоставувани патни делници во овој дел на Скопје. По речиси три децении чекање, конечно, жителите на Кисела Вода, Драчево и околните населени места ќе добијат безбеден, функционален и достоен сообраќаен пристап до ова место.

– Изградбата се одвива на потегот од „Јустинијан Први“ до границата со Општина Студеничани, на делница долга 3.370 метри. Патот се проширува на ширина од околу 6 метри, првпат се воведува и тротоар од едната страна, што досега никогаш не постоело на оваа маршрута. Со тоа, покрај возачите, и пешаците добиваат безбедност, што претставува особено важно подобрување за целокупната мобилност во овој дел од Општината – соопштија од Општина Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека, покрај асфалтирањето, во рамките на проектот се изведуваат и инфраструктурни зафати што досега целосно недостигале.

– Се поставуваат цевки за третирање на атмосферските води, како и каналетки за нивно безбедно одведување, со што се решава еден од клучните проблеми: поплавувањето на патот при врнежи – објаснуваат од локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека ова не е само инфраструктурен зафат туку и враќање на достоинството на луѓето, кои предолго чекале за основна комунална функционалност.

– Тридецениската голгота завршува тука, граѓаните ќе се движат по модерен и безбеден пат. Се работи интензивно на целата делница, со сериозни градежни интервенции, кои вклучуваат и изградба на тротоар и решавање на атмосферската канализација – изјави Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ