По три сезони, серијата „ И едноставно така…“ на „Ејч-би-о“ (HBO), како продолжение на култната „Сексот и градот“, е официјално откажана. Главната актерка и продуцентка, Сара Џесика Паркер, со емотивна порака се збогува од својот лик.

Таа објави емотивно писмо на „Инстаграм“, во кое им се заблагодари на сите што ја создадоа серијата со неа, но и на гледачите, кои ја сакаа и ја поддржуваа Кери со години, иако понекогаш ја осудуваа.

– Кери Бредшо доминираше во мојот професионален живот 27 години. Мислам дека јас ја сакав најмногу. Знам дека другите ја сакаа, беа фрустрирани од неа, но и навиваа за неа. Таа симфонија од емоции беше најважниот придружник. Засекогаш ќе бидам благодарна – напиша Паркер, потврдувајќи дека е завршено ова поглавје.

Таа додаде дека таа и креаторот на серијата, Мајкл Патрик Кинг, заеднички одлучиле дека „И едноставно така…“ нема да има нова сезона. Серијата, рече таа, била „радост, авантура и најубав вид напорна работа во соработка со неверојатна екипа и со повеќе од 380 члена на продукцијата“.

Серијата „И едноставно така…“ ги соедини Кери, Миранда и Шарлот во Њујорк, но без Саманта, која се појави само во кратка сцена на крајот од втората сезона. Серијата се обиде да балансира меѓу носталгијата и социјалните теми, но реакциите на публиката и на критичарите беа поделени. Некои ги пофалија новите ликови, додека други ги критикуваа дијалогот, наметнатиот тон и наративната дезориентација.

Сепак, рејтинзите беа солидни, а крајот на третата сезона остави можност за продолжение, кое не се случи.

Оригиналната серија „Сексот и градот“ се емитуваше на „Ејч-би-о“ (HBO) од 1998 до 2004 година, шест сезони и имаше 94 епизоди. Освои седум награди „Еми“, осум „Златни глобуси“ и милиони обожаватели низ целиот свет. По неа следуваа два филма, а потоа и продолжението „И едноставно така…“, кое почна да се емитува во 2021 година. Таа отворено зборуваше за женската сексуалност, пријателството, модата и за модерните предизвици на животот во големиот град. Кери, Миранда, Шарлот и Саманта станаа икони на поп-културата.

ИЗДВОЕНИ