По 18-ти пат ултрамаратонците трчаат во чест на ангелот Тоше Проески – Од Нова Градишка до Крушево

142

Маратонот е во организација на семејството на Проески, додека ултрамаратонците ќе ги предводи Наум Капричевски, а тие се: Мартин Димовски, Анастас Ангелески, Анчев Даниел, Никола Николоски, Фидан Арсовски, Стефан Спасовски, Влатко Семенаков и Даријан Капричевски

 На 16 октомври, се навршуваат 18 години од заминување на нашата најголема музичка ѕвезда, на ангелот Тоше Проески во вечноста. По тој повод Македонските ултрамаратонци: Даријан Капричевски, Мартин Димовски, Анастас Ангелески, Анчев Даниел, Никола Николоски, Фидан Арсовски, Стефан Спасовски, Влатко Семенаков и Наум Капричевски, го трчаат 18-ти по ред маратон на релацијата Нова Градишка-Крушево.Инаку, маратонците во Загреб  ја посетија црквата Света Злата Мегленска, каде беа пречекани од  Амбасадорот на  Македонија во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, директорката на Македонскиот културно информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска и парохискиот свештеник на МПЦ во Хрватска, протореј ставрофор Кирко Велински.  Тие најнапред им посакаа на ултрамаратонците топло добредојде со искрени зборови, да шират добрина и разбирање меѓу луѓето каде и да трчаат.

-Тоше беше и остана мост меѓу нас. Денес, преку вас, тој мост повторно оживува.    Ви посакувам сила, верба и мир на патот пред вас – и нека неговиот дух ве води до целта, истакна при средбата амбасадорот Ѓурчевски.

Што се однесува до самиот маратон, се очекува маратонците да пристигнат во Крушево на 16 октомври, на годишнината од физичко заминување на Тоше, од овој свет.

Традиционалниот ултрамаратон е симбол на животната енергија и филозофија на Тоше Проески со порака дека времето е релативно, животот е само еден миг, но споменот за вредните дела останува вечен.

Оваа година маратонот е во организација на семејството на Проески, ултрамаратонците кои ги предводи и овој пат  Наум Капричевски, и со поддршка на Универзитет Скопје.За кусо потсетување, Тоше Проески го загуби својот живот во тешка сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, кај Нова Градишка. Живи останаа, но со повреди, возачот на возилото, како и Љиљана Петровиќ, менаџерката на Тоше.  (Љ.А.)

 

ИЗДВОЕНИ