Од 16 до 18 октомври во „Јавна соба“ и на малата сцена во МНТ по 14. пат. ќе се одржи ПМГ Рекордингс фестивалот, со што Скопје и оваа есен ќе биде центар на современата музичка сцена. Под мотото на промената, поврзана со бројот „14“ како симбол на трансформација, слобода и духовен раст, фестивалот носи програма која ја спојува урбаната култура, новите музички експерименти и автентичниот звук на домашните и меѓународни автори.
Фестивалот започнува на 16 октомври во „Јавна соба“, со настап на Александар Велики – музичкото алтер его на Александар Гавровски. Тој е активен во сферата на музиката повеќе од две децении, а со соло проектот и три студиски албуми покажа зрел авторски израз. Истата вечер ќе настапат и Donplaya & Prince$$ Donatsu, највлијателното трап-дуо од Битола, кое со провокативен стил и израз ја освои младата публика и ги помести границите помеѓу музиката, уметноста, рапот и комедијата. Ова е бесплатна вечер за публиката.
Втората фестивалска вечер на 17 октомври ќе се одржи на малата сцена на МНТ и ќе биде посветена на електронската музика во интердисциплинарен контекст. Скопскиот продуцент и диџеј L.O.V.D (Љубен Дерибан) ќе ја претстави својата авторска електронска продукција во живо.
Музичко-поетскиот проектот Поетроника (Оливер Митковски и Андреја Салпе) ќе се претстави со досега неизведени композиции на македонска поезија во современи електронски звучни текстури. Blackstate (Филип Тасевски) ќе понуди моќен настап, комбинирајќи експериментална електроника, синт поп, алт-поп и хардкор панк, отворајќи теми за емоционалната комплексност на денешницата.
Најголемо внимание, привлекува настапот на Mangroov – еден од најреномираните и најквалитетни поп-состави од хрватската сцена, кои за првпат ќе настапат пред македонската публика. Нивниот концерт е закажан за 18 октомври во „Јавна соба“, како кулминација на тридневниот фестивал. Mangroov се препознатливи по свежината, силната емоција и извонредната енергија на живите настапи. Зад нив стои креативниот тандем Тони Старешиниќ, клучна фигура на хрватската џез сцена, и Жељка Веверец, чиј глас и авторска моќ за стихови го носат бендот во самиот врв на регионалната музичка продукција. На концертот во Скопје, публиката ќе има единствена можност да слушне дел од најголемите хитови, но и да биде меѓу првите, кои ќе слушнат и музика од најновиот албум „Комад неба“. Вечерта ќе ја отвори македонската електро-поп дива Марија Каева, со трио состав, збогатувајќи ја програмата со избор композиции, препознатливи синглови и рефрени од последниот албум „Фортуна“.
Со три вечери исполнети со разновидни изведувачи, музички експерименти и културни соработки, ПМГ Рекордингс Фестивалот останува платформа за современиот музички израз и автентичниот глас на генерациите што создаваат нова историја на македонската и регионалната сцена.
ПМГ Рекордингс фестивалот е основан од Мирко Попов во 2008 година. Со 13 реализирани изданија, фестивалот беше значајна платформа на новата и квалитетна музичка продукција. Подготовките за 14-то издание започнаа во 2023 година со Попов, а годинашнава реализација е резултат на работата на тимот на фестивалот, заедно со музичарите и партнерите, со програма посветена на неговиот роденден. Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.