Мерните станици на Државниот мониторинг-систем на Министерството за животна средина покажуваат дека ПМ 10 и ПМ 2,5-честичките насекаде се во граничните концентрации. Но, тоа не значи дека нема да се повтори ситуацијата со загадениот воздух. Еколошките и независните граѓански здруженија бараат вонредна седница на Советот на Град Скопје на која би биле поканети претставници од Министерството за животна средина, кои ќе го информираат Советот на Град Скопје за сите активности на национално ниво, а кои ќе придонесат за намалување на загадувањето во главниот град. Во Скопје има стотина јавни објекти што склучиле договори за набавка на мазут, нафта за греење и јаглен за грејната сезона

Мапа на јавни објекти на Шанса за Центар. Обележани со жолто објекти што се греат на огревно дрво, со портокалово: екстра лесно масло, кафеаво:пелети, розево: мазут и црвено: јаглен

Дождот и ветерот од северен правец ги издуваа отровите од воздухот. Не само во Скопје, кое две недели се гушеше од загаден воздух, туку и насекаде во поголемите градови во земјава полесно се дише.

Мерните станици на Државниот мониторинг-систем на Министерството за животна средина покажуваат дека ПМ 10 и ПМ 2,5-честичките насекаде се во граничните концентрации.

Од денеска е прекинат прагот на алармирање за Кичево и со тоа престануваат да важат мерките и препораките.

– Среднодневните концентрации на РМ 10 се под дефинираниот праг за алармирање од 150 мг/м3 и е прекината епизодата со надминување на прагот за алармирање за РМ 10-честички во Кичево – велат од МЖСПП.

Но, тоа не значи дека нема да се повтори ситуацијата со загадениот воздух. Имајќи ги предвид изминативе години, особено критични се јануари и првата половина од февруари доколку временските услови повторно овозможат магла, која ги врзува отровните ПМ-честички во водните капки.

Еколошките и независните граѓански здруженија бараат вонредна седница на Советот на Град Скопје на која би биле поканети претставници од Министерството за животна средина, кои ќе го информираат Советот на Град Скопје за сите активности на национално ниво, а кои ќе придонесат за намалување на загадувањето во главниот град.

– Да се обединиме околу стратешки план за воздухот за четиригодишен период, кој ќе ги дефинира целите на градот, но кој ќе биде кохерентен со плановите и со целите на национално ниво и со активностите на локално ниво. Планот да биде базиран на индикатори што се мерливи и прифатени од ЕЕА и од Министерството за животна средина и да се известува на секои три месеци за реализацијата на краткорочните мерки и за активностите на долгорочните мерки. Како претставник на Комисијата за соработка со општините, барам Град Скопје да побара од сите општини податоци за нивните планови (повеќегодишни – ЛЕАП и краткорочни – годишни програми за 2025) и да воспостави кохерентност во целите и во активностите. Како пример, во Центар има над 150 градилишта што не се заштитени на ниту еден начин за да не придонесува градежната прашина за зголеменото загадување – вели Јана Белчева-Андреевска од „Независни заедно“.

Таа бара во процесот да бидат вклучени граѓаните, со кои ќе се гради институционална доверба.

– Ако регистрите и локациите на сите приватни или јавни институции не ѝ се достапни на јавноста, ако еколошките елаборати и инспекциските наоди не се јавни, не може да зборуваме за напредок, туку за непринципиелна „соработка“ со загадувачите. Со доволна посветеност, соработка и со политичка волја на сите нивоа на власта, промените се можни и достапни – вели Белчева-Андреевска.

„Шанса за центар“, заедно со „Независни заедно“, изработи и јавно објави мапа со која се идентификувани сите јавни објекти што набавиле фосилни горива за своите потреби (во Скопје, но и низ  државата): https://www.google.com/maps/d/viewer… Станува  збор за стотина јавни објекти во главниот град што склучиле договори за набавка на мазут, нафта за греење и јаглен за грејните сезони. Ќе посочиме неколку.

ЈСП „Скопје“ има договор за набавка на 300 тони мазут за своите автобази во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје имаше барање за набавка на 200.000 килограми мазут и според договорот, мазутот треба да се користи доколку има недостиг на гас. И Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје користи мазут. Договорот беше за набавка на 150 тони мазут и беше најавено менување на котелот на мазут со гас, преку проект финансиран од Светска банка.

Договорот на „Железници Транспорт“ АД Скопје  беше за набавка на 500.000 килограми мазут, 25.000 литри екстра лесно гориво и на други горива за испорака во Скопје и во железничките станици во Велес, Битола и во Гевгелија. Во февруари 2022, ЖРСМ склучи договор за изготвување проектна документација за пренамена на два котли во Скопје од мазут на гас. Притоа, проценетата потрошувачка на котлите е од 80 до 100 тони мазут месечно.

На мазут или на екстра лесно гориво се затоплуваат и голем број јавни установи, како поликлиники („Бит-пазар“, „Драчево“, „Ченто“, „Ѓорче Петров“), градинки, основни и средни училишта. На екстра лесно масло за домаќинство се затоплува и Клубот на пратениците. За годинава, тие побараа да се набават 9.000 литри екстра лесно масло за домаќинство, како дел од групната набавка на Службата за општи и заеднички работи. Зоолошката градина Скопје, пак, се грее на пелети и за грејната сезона се бараше да се набават 70 тони пелети, додека пак, за загревање на затворот „Идризово“ се бараше да се набават 550 тони јаглен и 60.000 литри екстра лесно масло за домаќинство.

Активисти од Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најавија дека вечерва од 18 часот ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје, против, како што рекоа „континуираното загадување и труење на жителите на градот“.

Во соопштението до медиумите од ТИТАН Усје истакнаа дека работат согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент.

– Технологијата која се применува во ТИТАН Усје соодветствува  со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија – истакнаа од компанијата.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ