ПЛОВЕЧКИОТ ГРАД ТОНЕ – Венеција мора да се подигне зашто секоја година пропаѓа по два милиметра, додека морето се издига за пет

56
EPA-EFE/ANDREA MEROLA

Италијанскиот пловечки град не престанува да тоне. Во последните 25 години тлото под Венеција се спуштило за околу 25 сантиметри, а нивото на морето се искачило за речиси 30 сантиметри.

Пјетро Театини, професор по хидраулика на Универзитетот во Падова, нуди решение. Тој предлага длабоко под градот да се вбризга вода, со што би се подигнало тлото. На тој начин, според него, градот би можел да се подигне за дури 30 сантиметри, а тоа значи дека за трајно решение ќе биде потребен уште половина век. Според Си-ен-ен, овој проект се темели на научна основа. Театини предлага да се вбризгува солена вода на длабочина од 600 до 1.000 метри низ бушотини, распоредени во круг со дијаметар од десет километри околу градот, во внатрешноста на лагуната, без да го допира Јадранското Море или копното. Научникот ја пронашол инспирацијата во складиштата за гас во низините на реката По, каде што инженерите забележале дека земјата се крева кога резервоарите се полнат и се спушта кога се празни. Планот предвидува проектот да почне со пробна бушотина со дијаметар од 20 центиметри на длабочина од 1.000 метри. Во неа би се вметнал филтер, низ кој водата нежно би течела низ почвата, зашто ако се пумпа пребрзо може да се формираат пукнатини, што би било исклучително опасно. Тестирањето би траело две до три години и би чинело помеѓу 30 до 40 милиони евра, што е трипати помалку од вредноста на актуелниот систем за заштита МОСЕ, за кој досега се потрошени над шест милијарди.

Системот МОСЕ е бариера што се издига од морското дно и ја затвора лагуната, штитејќи ја од екстремно високи плими. Проектот е од 80-тите години, а за првпат е тестиран во 2020 година. На почетокот се верувало дека браните ќе се користат само неколку пати годишно, но поради климатските промени морето, чие ниво е повисоко од 110 центиметри, во последниве 20 години дури 150 пати го поплави градот. Затоа МОСЕ, иако уште не е официјално пуштен во употреба, активиран е околу 100 пати.

За решавање на проблемот се нудат и радикални решенија, како на пример лагуната целосно да се затвори и да се претвори во езеро. Но на тој начин би се спасил градот, а би се уништил природниот екосистем што постои повеќе од 2000 години.

Театини стои на тоа дека неговиот план е изводлив и би ја спасил Венеција, иако некои експерти се скептични.

-Мораме да почнеме да правиме нешто, и тоа веднаш. Ова е единствениот предлог што е веќе разработен и може да се тестира утре, само треба политичка одлука, вели Театини, кој со оваа идеја се занимава со децении.

Какво и да е, решението би чинело милиони, можеби милијарди евра, па некои се прашуваат дали вреди да се спаси град чие население паднало под 50.000, откако 70 проценти се преселиле на копното поради туризмот и високите трошоци за живот.

Додека научниците дебатираат, Венеција и понатаму тоне по околу два милиметра секоја година, додека морето се издига за пет милиметри. Оваа трагедија што му се случува на уникатниот град за населението е секојдневна борба со природата. За туристите, пак, градот кој тоне е уште поатрактивен, па доаѓаат во сè поголем број и покрај бројните забрани и нови трошоци што им ги наметнуваат локалните власти.

ИЗДВОЕНИ