На сцената на Драмски од 25 до 31 октомври македонската публика во рамки на фестивалот РУТА ќе има можност погледне седум претстави од реномирани театри од регионот

Претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ на 25 октомври, во 20 часот, во Драмскиот театар го отвора фестивалот РУТА на кој во седум вечери македонската публика ќе има можност да погледне седум претстави од реномирани театри од регионот.

„Плејбои…“ е четирипартитна копродукција на Драмски – Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљанско и Центар за култура Тиват, а во неа играат актери од четирите уметнички куќи, односно: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

Премиерно се одигра на 10 август во рамки на фестивалот „Град театар“ Будва, каде имаше четири изведби, следуваше претставување на фестивалот „Охридско лето“, а беше изведена и на Бриони во рамките на тамошниот фестивал РУТА. Заедничка констатација од досегашните гостувања е задоволството на публиката и уживањето во маестралната изведба на традиционалната форма на комедија дел арте.

Режисерот Пеновиќ на денешната прес-конференција во Скопје изрази задоволство што „Плејбоите… “ ја отвораат РУТА во Скопје и што по неколкуте изведби на летните фестивали во Будва, Охрид и на Бриони, екипата се враќа во Скопје и во Драмски каде два месеца се подготвуваше претставата во мај и во јуни годинава. Тој ги нагласи и извонредните услови и поддршката за работа што им беше овозможена во Драмски, каде актери од четири ансамбли кои не се познаваа меѓусебно, кои говорат на различни јазици, доаѓаат од различни театарски школи, во пријателско опкружување создадоа претстава во која јазичната бариера ја премостиле уште на првите десетина проби.

„’Плејбоите…’, напишана во 1972 година и во духот на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968 година’, е за вителот на живата еротика, за младоста и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв“, се посочува кон претставата.

Во рамки на РУТА до 31 октомври на сцената на Драмски, од 20 часот ќе се изведат уште шест претстави.

Притоа на 26 октомври ќе се игра претставата „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеско, чија режија, адаптација и избор на музика е на најнаградуваниот регионален режисер Јагош Марковиќ. Претставата е еден од неговите последни проекти, откако пред две години Јагош, за жал, нè напушти. Ликовите ги толкуваат регионалните актерски ѕвезди: Олга Одановиќ, Бранко Видаковиќ, Дубравка Дракиќ, Момчило Оташевиќ, Сандра Бугарски и Бранимир Поповиќ, а продукцијата е на Центарот за култура Тиват.

Драмски на РУТА ќе настапи на 27 октомври со својата најнова претстава работена по филмското сценарио на истоимениот филм „Куршуми над Бродвеј“. Режијата е на Ненад Витанов, во улогите настапуваат: Игор Стојчевски, Александра Павлова Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Јована Спасиќ, Јелена Жугиќ, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Сашо Тасевски, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Енис Билаловиќ и Мартин Мазнев.

„Повеќе од игра“ е претстава со која годинава ќе гостува Београдско драмско позориште на 28 октомври. Претставата е адаптација на сценариото на Слободан Стојановиќ работено за истоимената култна телевизиска серија во бившата држава. Режисер е Иван Вуковиќ. Адаптацијата ја направил Ѓорѓе Косиќ, а во над 20 актерски улоги во овој сценски спектакл во траење од 4 часа ќе играат: Миодраг Радоњиќ, Јана Бјелица, Милан Чучиловиќ, Милорад Дамјановиќ, Андреј Шепетковски, Милан Колак, Љубомир Булајиќ, Даниел Сич, Иван Зариќ, Стефан Радоњиќ, Александар Алач, Риста Милутиновиќ, Арсеније Арсиќ, Александар Јовановиќ, Никола Мијатовиќ, Јана Милосављевиќ, Јово Максиќ, Стефан Старчевиќ, Бојана Стојковиќ, Ања Јосифовски, Ања Ќурчиќ, Вукашин Јовановиќ и Љубинка Клариќ.

На 29 октомври публиката ќе ја проследи копрудукцијата на Театар Улисис, Колектив Игралке, Куќа Нахеро и Маска Љубљана. „Мајки“ е авторска претстава на Колектив Игралке и режисерката Рајна Рацз. Улогите се доверени на актерките: Сенди Бакотиќ, Ана Марија Брѓановиќ, Маја Лежаиќ, Рајна Рацз, Ања Сабол и Ванда Велагиќ.

„Три милиони минути“ е претставата на Местно гледалишче Љубљанско. Словенечкиот ансамбл ќе настапи на 30 октомври. Режисер и автор на адаптација е Барбара Хиенг Самобор, а претставата е работена по филмското сценарио за филмот „7 години“ на авторот Хозе Кабеза. Улогите се на Јудита Зидар, Тјаша Железник, Мојца Функл, Дијана Коленц и Клара Кук.

Честа да го затвори годинашниот фестивал РУТА во Скопје го има ансамблот на театарот САРТР од Сараево. Тие на 31 октомври ќе ја играат претставата „За цел живот“ на авторот и драматург Бењамин Хасиќ. Режисер е Јасенко Пешиќ. Улогите во претставата ги играат: Сеад Пандур, Давор Сабо, Аднан Кресо, Кемал Ризвановиќ, Јасенко Пашиќ и Дино Хамидовиќ.

Инаку, годинава е четврто издание на фестивалот РУТА во Скопје, и како што посочуваат од Драмски, публиката покрај тоа што ќе има можност да проследи седум исклучителни фестивалски претстави ќе може по секоја изведба да присуствува и на тркалезните маси со актерите чиј модератор ќе биде  професорката на ФДУ Ана Стојаноска.

Да потсетиме, РУТА е ревијален театарски фестивал на театри членки на Регионалната унија на театри која беше основана во 2019 година, прво од шест театри од регионот, на што се приклучија уште два.

ИЗДВОЕНИ