Плажите на островот Свети Стефан први на листата на европски крајбрежја кои полека исчезнуваат

49

Европските брегови се под закана, многу популарни и импресивни плажи би можеле да исчезнат. Крајбрежјето на Европа би можело неповратно да се промени во следните сто години, предупредува Европската агенција за животна средина (EEA), наведувајќи дека нивото на морето расте побрзо. Помеѓу 2006 и 2018 година е забележано зголемување од 3,7 милиметри годишно, што е повеќе од двојно од просечните вредности во 20 век, со што, според бриселскиот „Јуроњуз“  би исчезнале многу популарни и впечатливи плажи на европскиот континент.

Доколку емисиите на штетни гасови останат високи, нивото на морето би можело да се искачи помеѓу 63 сантиметри и 1,02 метри до 2100 година. Во најлошото сценарио, кое подразбира забрзано топење на поларните ледени капи, зголемувањето на нивото на морето би можело да достигне пет метри до 2150 година.

Островот Свети Стефан во Црна Гора е на врвот на листата на најзагрозени плажи, односно делови од брегот, бидејќи според проценките на научниците, би можел да изгуби повеќе од 200 метри крајбрежна линија до крајот на векот, пренесува „Танјуг“. На второ место е плажата Порто Џунко во Садринија, која, според проценките, би можела да изгуби 107 метри крајбрежна линија, а на трето место е плажата Бенагил во Португалија, чија загуба на крајбрежна линија се проценува на 70 метри. На четврто и петто место се плажите на норвешкиот остров Верој и Ким Беј во Ирска, кои би можеле да изгубат 58, односно 40 метри крајбрежна линија.

Рејнисјфара во Исланд, една од најопасните плажи во светот позната по својот црн вулкански песок, е на шесто место и може да биде дополнително загрозена, со очекувана загуба од 35 метри. На седмото место на најзагрозените плажи и крајбрежни области е плажата Мариније, една од најдобро оценетите плажи во околината на Ница, за која студиите предвидуваат ерозија од речиси 35 метри до 2100 година. Плажата Пасјача во Хрватска, во близина на Дубровник, може да биде целосно уништена до 2100 година, со предвидено повлекување на брегот од 31 метар. На последните две места, деветто и десетто, се плажите во Корнвол, Англија, кои се изложени на ризик од губење на 30 метри крајбрежна линија и францускиот брег помеѓу Ница и Кан, кој може да изгуби до 28 метри крајбрежна линија.

Професорот Џорџо Будијон од Универзитетот во Неапол истакнува дека покачувањето на нивото на морето е, барем делумно, неизбежно поради „инерцијата“ на климатскиот систем, топењето на мразот и термичкото ширење на океаните.

-Предупредувањата за исчезнување на плажите не шират паника, туку реална слика за иднината без решителна акција, вели Будијон, појаснувајќи дека одржливо решение за заштита би било полнење на плажите, обновување на мочуриштата и заштита на подводната вегетација.

ИЗДВОЕНИ