Платите во државата значително заостануваат зад реалните животни трошоци, создаваат сиромаштија, поттикнуваат масовна миграција и затоа нивното зголемување е неопходно и итно, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
– Работниците во Македонија се соочуваат со ниски плати, со несигурни работни места и со ограничено учество во процесите на одлучување. Нема достоинствена работа без достоинствени плати што ќе ги задоволат реалните егзистенцијални потреби на работниците и на нивните семејства – порачаа од ССМ по повод Светскиот ден на достоинствената работа.
Синдикатите бараат социјален договор и дијалог што ќе обезбеди фер можности, социјална сигурност, почитување и заштита на работничките права, како и институции што работат во интерес на работниците и на граѓаните и институции што нема да бидат под влијание на корупцијата и на дневната политика. Според ССМ, рестриктивните мерки, штедењето, стагнација на платите, пензиите и другите приходи на работниците и на граѓаните во услови на инфлација и пораст на цените на основните животни продукти, ја поттикнуваат сиромаштијата и ја намалуваат куповната моќ.
– Нема достоинствена работа без реални, одржливи и сигурни работни места, со договори за работа на неопределено време. Не се согласуваме со привремените и повремени работни ангажмани со минимална заработувачка, без платени придонеси и без никаква социјална заштита и сигурност, со што се залагаме за мерки и активности за спречување на сивата економија и на непријавената работа – нагласува ССМ.
Оттаму посочуваат дека може да се постигне достоинствена работа за сите доколку се обединат социјалните партнери, синдикатите, работодавците, Владата, невладиниот сектор, експертската и стручна јавност и ефикасно ги реализираат заеднички креираните активности во насока на развој на економските и на општествените односи, но и со целосно почитување на работничките и на граѓанските права.