Платите за една година се зголемени за повеќе од 10 отсто  – намалени се јавниот и државниот долг

142

Платите за една година пораснале за повеќе 10 проценти, а тоа се должи на тоа што Владата работи на обезбедување на дополнителни средства, како и на средина во која бизнисот ќе се развива, а работниците ќе имаат повисоки примања, истакна премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најновите податоци на Државниот завод за статистика кој деновиве објави податок дека и бруто-платата и нето-платата во јули е за 10,5 проценти поголема од јули 2024 година. Со тоа, како што нагласи Мицкоски, паднаа во вода тезите на СДСМ дека платите не само што не растеле туку и се намалувале.

Тој рече дека заклучно со јуни 2025 година, првпат по многу долго време, и државниот и јавниот долг се намалени – едниот за 4 отсто, другиот за 2,7 отсто. Тој заклучи дека со овие податоци паѓа во вода уште една теза на СДСМ дека како Влада ги задолжиле неродените генерации.

– Мојата препорака до нив би била да бидат конструктивна опозиција, да научат од грешките во минатото, да не ги повторуваат и набргу од денеска да бидат фактор што ќе им служи на граѓаните, пред сè, вели Мицкоски.

Прашан за стапката на сиромаштија, дека секој петти Македонец е сиромашен, а секое трето дете е сиромашно, премиерот Мицкоски со одговор дека овие податоци се од 2023 година.

– Токму тоа беше причината зошто како Влада многу внимателно да се движиме макроекономски. Макроекономското консолидирање продолжува. Платите продолжуваат да растат, инфлацијата полека се стабилизира. Очекувам да продолжи трендот на намалување на инфлацијата и стабилизирање под 4 отсто. Бруто-домашниот производ четири квартали по ред расте 3, 3,2 и 3,4 проценти – истакна Мицкоски.

Во однос на пензиите, тој потсети дека во Владата се одлучиле на линеарно зголемување на пензиите, а кое, заклучно сега со оваа пролет, ќе изнесува 7.000 денари по пензионер.

ИЗДВОЕНИ