Платите на информатичарите во приватниот сектор надминуваат 2.500 евра

0

Македонија има огромен ИКТ-потенцијал, одлични и квалитетни кадри кои излегуваат од универзитетите. Секторот брои повеќе од 3.000 компании со преку 25.000 вработени, чија просечна бруто-плата надминува 2.500 евра, беше истакнато на конференција MASIT 2.0 – „Recode Reality”.

Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, овој потенцијал во приватниот сектор треба да се искористи за да ѝ помогне на државата во дигиталната трансформација. Владата, како што рече, одлучи да се потпре на приватниот сектор во процесот на дигитализацијата и сега двете страни треба заедно да градат проекти кои ќе значат реализација дома, но и извоз на продуктите.

Според претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ИКТ-индустријата учествува со 4,5 отсто во националниот БДП на Македонија, што е 1,65 милијарди евра годишен приход.

– Продолжуваме со поддршка на приватниот сектор. Немаме агенција оперативно одговорна за дигитализација и затоа се потпревме на приватниот сектор во сите најкрупни проекти на државата, а потоа и во нивното одржување. Сега прашањето е како тоа да го надградиме, како да стигнеме до следното ниво – европски проекти во државата кои треба да бидат реализирани од македонски компании или македонски компании да бидат носители на тие проекти зашто тоа е начинот да донесеме и европски стандард и да ги поттикнеме домашните фирми да растат, но и администрацијата да ги следи. Вториот елемент на нашата домашна задача е државните институции да обезбедат доволно квалитетен кадар што ќе остане да ги води проектите во институциите. Мислам дека сме на добар пат и дека ќе имаме резултати, нагласи министерот.

Тој потврди дека платите во приватниот сектор се подобри, но државата, напомена, нуди стабилност и таа симбиоза, како што оцени, може да донесе резултати.

– Има конкуренција во плати и државата никогаш нема да го стигне приватниот сектор, исто како што приватниот сектор никогаш нема да ја стигне стабилноста на државата. Ние гледаме како нашите позиции во Министерството да бидат поатрактивни со конференции, обуки и патувања во странство, активности и креирање политики, додека приватниот сектор тоа повеќе го прави со мотивација преку плати. Таа симбиоза може да донесе резултати, рече Андоновски.

Димитровски е дециден дека македонскиот ИТ-сектор е во добра кондиција и дека ги следи трендовите.

– Очигледен е порастот на ИКТ-секторот, а тоа го покажуваат и прелиминарните бројки за 2025 година. Македонските ИТ-компании ги следат европските стандарди. Многу од нив кои се на ниво на европските, работат за странство, посебно за европските држави. Ги следиме трендовите во Европа, но и предизвиците. Сепак, ИТ-секторот кај нас е во добра кондиција и секоја година бележи пораст над 10 отсто, подвлече Димитровски.

Конференцијата „Recode Reality” што ја организира Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) има преку 300 гости од земјава и регионот, како и говорници од врвот на ИКТ-индустријата во Европа. Тие во Скопје разговараа за модернизација на дигиталната инфраструктура и на телекомуникациите, како и за реалните можности што ги отвора вештачката интелигенција.

ИЗДВОЕНИ