Платите мора да пораснат повеќе од инфлацијата за да не се „стопи“ стандардот

Деновиве имавме различни прогнози за тоа колку ќе се движи стапката на инфлација годинава. Така, кај оние со поголем оптимизам, стапката е пониска и обратно. Но, според економските експерти, во 2026 година клучно прашање нема да биде само колкава ќе биде инфлацијата, туку дали ќе биде растот на платите и на пензиите над неа. Доколку годишната стапка на инфлација остане околу 4 отсто, сè уште ќе го „јаде“ растот на примањата

2226

Инфлацијата стана лицитација со бројки, секој ден имаме различни прогнози за тоа како ќе се движи стапката на инфлација во 2026 година. Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлацијата да биде околу 4 отсто годишно, а гувернерот Трајко Славески е поголем оптимист, смета дека инфлацијата ќе се движи по патека на надолно приспособување и очекува дека ќе се сведе на 2,5 отсто годинава. Според економските експерти, во 2026 година клучно прашање нема да биде само колкава ќе биде инфлацијата, туку дали ќе биде растот на платите и на пензиите над неа.

Гувернерот Славески смета дека ќе се намалува инфлацијата, а економскиот раст ќе се зголемува. Ваквите позитивни трендови во домашната економија ги базира на постепеното закрепнување на економиите на нашите најзначајни трговски партнери, како и на поголемите инфраструктурни инвестиции во земјава.

– Сите овие фактори упатуваат на добри изгледи за годинава, со очекуван економски раст од околу 4 отсто. Инфлацијата ќе се движи по патека на надолно приспособување и се очекува дека ќе се сведе на 2,5 отсто годинава, по што постепено ќе се врати на својот историски просек од околу 2 отсто – истакна гувернерот Славески.

Тој посочи дека главни фактори за ваквите очекувања се поволните движења на светските цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.

Претходно премиерот Мицкоски предупреди со законски измени, за кои се очекува да резултираат со повисоки казни и со клуч на врата на синџирите супермаркети што манипулираат со цените и не го почитуваат Законот за нефер трговски практики.

– Мислам дека инфлацијата за годинава ќе биде околу 4 проценти. За ова зборуваме секој месец, а она што го правиме се чести проверки од Државниот пазарен инспекторат – изјави Мицкоски.

Економските експерти, пак, појаснуваат дека „помала инфлација“ не значи дека ќе се вратат цените назад, туку дека ќе растат побавно.

– За 2026 година, меѓународните, па и домашните проекции за Македонија се движат околу 4 отсто годишна инфлација, што е поумерено темпо, но сè уште доволно да го „јаде“ растот на примањата ако не се движат платите и пензиите побрзо. Практичниот тест за животниот стандард е едноставен кога растат платите побрзо од цените, куповната моќ, во просек, се подобрува, а кога растат цените побрзо, стандардот паѓа. Во 2025 година имавме пример дека може да има простор за реален раст. Во септември 2025 година, просечната нето-плата порасна 9,3 отсто на годишно ниво, додека цените пораснаа 4 отсто на годишно ниво – изјави за весникот ВЕЧЕР извршниот директор на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, Виктор Митевски.

Кај пензиите, бевме сведоци дека се напушти усогласувањето што требаше да стави ред и беше врзано за трошоците за живот и за растот на просечната плата (50:50 %). Ваквиот принцип обезбедуваше одредена заштита, но Владата се одлучи за линеарно, ад хок зголемување, кое не се базира на економски оправданите принципи, туку на политичката волја и на фискалните можности.

– Оттука, во 2026 година клучно прашање нема да биде само колкава ќе биде инфлацијата туку дали ќе остане растот на платите и на пензиите над неа и дали ќе биде поскапувањето на потрошувачката кошница под контрола, бидејќи токму таму граѓаните најбрзо го чувствуваат ударот врз стандардот. Дополнително, важно е да се земе предвид дека цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари 2026 е коригирана нагоре од 2 до 4 отсто, зависно од блокот, што директно ги зголемува сметките и индиректно делумно се прелева во трошоците и цените кај дел од услугите и производите – додава Митевски.

Поради тоа, економските експерти се согласуваат дека во 2026 година реалниот животен стандард ќе зависи од тоа ќе биде дали растот на платите и на пензиите над инфлацијата.

Според последниот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС), индексот на трошоците за живот во декември минатата година бележел годишно зголемување од 4,1 отсто во однос на тој месец претходната година. Истовремено, индексот на цените на мало е зголемен за 3,7 отсто.

Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците за живот, во декември лани била зголемена за 0,4 отсто во споредба со претходниот месец.

Според податоците од ДЗС, растот на трошоците за живот е резултат на повисоките цени во повеќе сектори, а најзначаен пораст во декември, во однос на претходниот месец, е забележан во групата транспорт, каде што има зголемување од 5,8 отсто. Покрај транспортот, значителен придонес кон инфлацијата има и зголемувањето во секторот рекреација и култура, кое е поголемо за 0,8 проценти. Имало зголемување на трошоците и во групата здравје, кое во декември било повисоко за 0,7, додека мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата бележеле зголемување за 0,5 проценти.

Иако помало, сепак, е регистрирано зголемување и во групите ресторани и хотели, потоа во групите домување, вода, електрика, гас и други горива, а зголемување од 0,1 отсто се бележи и кај алкохолните пијалаци и кај производите од тутун.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ