Платата е најголем мотиватор за сите работници во државата

31

Финансиската сигурност и соодветната награда за вложениот труд се основен предуслов за привлекување и задржување на кадарот, се согласуваат 100 отсто од учесниците во најновото регионално истражување презентирано од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Платата е најголем мотиватор при изборот на работното место и ова, без исклучок, е најважниот момент за македонските граѓани, покажува најновата студија за социјалниот дијалог и за состојбата со работната сила во секторот за водоснабдување, спроведена во рамките на проектот „Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни пристапи”, ProSDinWater, финансиран од Европската Унија. Освен Македонија, во истражувањето учествуваа и Бугарија, Италија и Малта и тоа ја истакнува важноста на социјалниот дијалог за унапредување на условите за работа.

Најголем дел од испитаниците ја посочиле висината на платата како главен мотиватор за избор на работно место. Финансиската сигурност и соодветната награда за вложениот труд се основен предуслов за привлекување и задржување на кадарот.

Работничките права, личната мотивација и трендот на промена на работната сила се, исто така, издвоени како значајни фактори, при што 97 отсто од учесниците оцениле дека секторот не е доволно атрактивен за младите.

Истражувањето спроведено во рамките на проектот укажа на неколку критични аспекти што треба да се адресираат за да се подобри состојбата со работната сила и за да се зголеми атрактивноста на секторот, особено за младите луѓе.

– Здравствената заштита, превенцијата, возраста и професионалното искуство се клучни елементи според 97 отсто од испитаниците, кои нагласиле дека добрата грижа за вработените е директно поврзана со продуктивноста и со стабилноста на работната сила. Не помалку важни се и квалитетните работни услови како што се безбедноста на работното место, техничката опременост и организациската култура, па оттука не треба да чуди што тие се суштински за задоволството и за посветеноста на вработените за 99 отсто од испитаниците – додаваат од ОРМ.

Дополнително, 96 % од испитаниците укажале на важноста на интеграцијата на информациските технологии и на вештачката интелигенција, на справувањето со дискриминацијата, на подоброто организирање на работното време, како и потребата од програми за континуирано унапредување на професионалните вештини и дополнителни придобивки, дури и оние што не се предвидени во колективните договори.

Резултатите покажуваат и дека речиси две третини од испитаниците (69,3 отсто) сметаат дека социјалниот дијалог на секторско ниво придонесува кон подобрување на работните услови, а 83 отсто од анкетираните ја оценуваат ефективноста на социјалниот дијалог во своите компании како позитивна – посочуваат од ОРМ и додаваат дека социјалниот дијалог и колективното преговарање во Македонија се сè уште слабо користени алатки и покрај тоа што во голема мера ги спречуваат социјалните и синдикалните конфликти.

ИЗДВОЕНИ