Пластиката ги одбројува „последните денови“, научниците создадоа суперматеријал

54

Научници од Универзитетот Рајс и Универзитетот во Хјустон развија нов, високо издржлив материјал со тоа што им дадоа инструкции на бактериите да одгледуваат целулоза во прецизно насочени шеми.

Резултатот е биоразградлив материјал кој ја комбинира цврстината на металот, транспарентноста на стаклото и флексибилноста на пластиката, но без загадување.

Во студија објавена во списанието Nature Communications, научниците презентираат скалабилен и иновативен пристап за производство на бактериска целулоза со исклучителни механички и функционални својства. Користејќи ротирачки биореактор, тие беа во можност да го насочат движењето на бактериите што произведуваат целулоза и со тоа да го постигнат нивниот насочен распоред за време на растот, создавајќи материјал чија цврстина достигнува 436 мегапаскали.

Кога додадоа нанослоеви од бор нитрид за време на синтезата, материјалот стана уште посилен, дури 553 мегапаскали и со три пати поефикасно трошење на топлина од контролните примероци. Оваа хибридна структура не е само механички потрајна, туку покажува и напредни термички својства, што ја прави погодна за употреба во електрониката и енергијата.

За разлика од конвенционалната бактериска целулоза, чии влакна се формираат случајно и ја ограничуваат нивната јачина, овој метод користи контролирана динамика на флуиди за да се постигне правилна ориентација на влакната веќе за време на биосинтезата. Техниката, исто така, овозможува лесно додавање на разни наночестички директно во структурата, што овозможува материјалот да се прилагоди на специфичните индустриски потреби.

Научниците веруваат дека овој уникатен, едностепен и еколошки процес има огромен потенцијал за широк спектар на индустриски апликации: од пакување и текстил, до електроника и системи за ладење, до складирање на енергија. Тие очекуваат дека овој материјал би можел да ја замени пластиката во голем број сектори во иднина и со тоа да придонесе за заштита на животната средина, пишува Science Daily.

ИЗДВОЕНИ