Со потресни сведоштва на преживеаните членови и соработници на бендот ДНК, во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Придружниот вокал, Ана Костадиновска, која ја преживеа катастрофата, изјави дека не знае кој бил задолжен за поставувањето и за активирањето на прскалките во клубот. Таа се приклучи кон кривичниот прогон и истакна дека има поднесено отштетно побарување.
– Лично, никогаш, во ниту еден клуб не сум видела кој ги местел прскалките – рече Костадиновска, додавајќи дека во последните години, на речиси секој настап на ДНК се користела пиротехника, но никогаш претходно немало инцидент.
Таа појасни дека соработувала со бендот како надворешен вокал, а ист статус имала и нејзината блиска пријателка, трагично загинатата Сара Пројковска. Кобната вечер, на 15 март 2025 година, бендот пристигнал во клубот околу 22:00 часот, направиле тонска проба и се повлекле во импровизиран бекстејџ – канцеларија во рамките на објектот. Настапот започнал по полноќ и по четири-пет изведени песни, во текот на рефренот на „Што сака нека биде“, биле активирани прскалките.
– Почувствував необична топлина, погледнав нагоре и видов пламен. Сѐ се случи брзо. Панчо повика да излеземе, но не ја сфативме сериозноста веднаш – рече таа.
Костадиновска сведочеше дека забележала врата во близина на бината, но била заклучена. При обидот да се извлечат кон главниот излез, настанало стампедо.
– Пластика паѓаше врз нас, имаше врескање и силен мирис што тераше на спиење. Паднав кај самиот излез, врз мене имаше луѓе. Мислев дека нема да излезам жива – рече таа, додавајќи дека не знае како се отворила вратата, но била извлечена надвор.
Таа добила изгореници на лицето и на телото, изгорени гласни жици и повреди на коленото. Се лекувала во Кочани, а потоа и во Скопје.
– ДНК беше моето второ семејство, а Сара ми беше како сестра – изјави таа низ солзи.
Пред Судот сведочеше и музичарот Горан Тонев, надворешен член на ДНК, кој, исто така, изјави дека не знае кој ја поставил и активирал пиротехниката. Тој појасни дека секогаш по тонската проба бендот се повлекувал, а кога се враќале на настапот, прскалките веќе биле наместени.
– Изгледаа како чаши. Не знам колку ги имаше и не ме интересираше тоа – рече Тонев.
Тој сведочеше дека прскалките биле активирани околу 2:30 часот, по што плафонот над бината почнал да гори. По повикот на Панчо сите да излезат, тој го оставил инструментот и се упатил кон единствениот излез.
– Имаше премногу луѓе. Се заглавив во стампедото и мислев дека го губам животот – рече Тонев.
Опиша дека огнот се ширел екстремно брзо, од таванот капел стопен материјал од сунѓери во брановидна форма, а чадот бил густ и задушувачки. Тонев има изгореници на дишните патишта, лицето, вратот, раката и на грбот и сѐ уште не може да свири. Се лекувал во Солун. Потврди дека еднаш го видел Мартин Атанасовски како ги поместува прскалките, но не знае кој бил формално задолжен за нив. На прашањето дали реагирал некој да се отстранат пиротехничките средства од бината, кратко одговори: „Не“.
Сведочеше и момчето што снимило со телефон како искрата од прскалките го предизвикува смртоносниот пожар. Мислело дека е дел од сценскиот настап.
– Кога започна рефренот, се вклучија прскалките и тогаш се запали дел од плафонот. Останавме на масата и снимавме, мислевме дека е некаква анимација. Дури кога повика пејачот да излеземе надвор, почнавме да се упатуваме кон излезот – сведочеше Алберто Миладинов, додавајќи дека, според неговото набљудување, токму од нив започнал пожарот.












