– Минатата година фокусот беше насочен кон стабилизирање на системската поддршка за институциите, унапредување на условите за работа и реализација на значајни капитални и програмски проекти – истакна Љутков, посочувајќи ги капиталните проекти како Плаошник, скопско Кале, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот Трескавец, Аквадуктот, старата џамија во селото Равен… од кои дел треба да бидат завршени наредната година или, пак, се во завршна фаза

 

– Она што ја одбележа 2025 е високото ниво на реализација на годишната програма – дури 97 проценти. Оваа 2025 јасно покажа дека културата и туризмот не се трошок, туку стратешка инвестиција во идентитетот, меѓународната видливост и економскиот развој на државата – посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на вчерашниот брифинг со новинарите, на кој даде отчет за сработеното и откри дека во 2026 буџетот за реализација на проектите од културата ќе биде поголем за 8,5 проценти и ќе изнесува 5 милијарди 520 милиони и 504 илјади денари, и дополнителни 700 милиони за туризмот.

– Минатата година фокусот беше насочен кон стабилизирање на системската поддршка за институциите, унапредување на условите за работа и реализација на значајните капитални и програмски проекти – истакна Љутков, посочувајќи ги капиталните проекти, од кои дел треба да бидат завршени наредната година или, пак, се во завршна фаза.

Активностите на Плаошник, како еден од најзначајните духовни и културни центри во државата, продолжија и во 2025, а интензивно се реализираат активностите на скопското Кале и во музеите во овој комплекс. Работите се во напредна фаза и се очекува нивно целосно завршување до февруари или март наредната година. Започна и целосната конзервација и реставрација на Спомен-домот на Разловечкото востание во селото Разловци, проект што се реализира во периодот 2025–2026, со вредност од 19 милиони денари. Се работи и на завршување на конзервацијата и реставрацијата на стариот конак во Лешочкиот манастир, како и на капиталниот проект за заштита и реставрација на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица. За црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот Трескавец, е изработена целосна проектна документација и се поминати сите неопходни стручни контроли – посочи министерот Љутков.

Тој додаде и дека за Шалтер салата на Поштата во Скопје бил ревидиран проектот за препокривање, како и дека се завршени сите стручни постапки и дека е тој во завршна фаза, пред поднесување за одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски.

Министерот Љутков го спомна и Акведуктот, за кој е во тек подготовка на нова, повеќегодишна јавна набавка откако беше раскинат претходниот договор поради губење на лиценцата од страна на изведувачот.

– Проектот за куќата на Лазар Личеноски, исто така, е ревидиран, ги помина сите стручни контроли и се очекува во најкус можен рок да биде доставен до Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градење, со планиран почеток на реализација во 2026 година. Изработен е и повеќегодишен план со јасна финансиска динамика за театарот во Стоби, како и за завршување на проектот за Центарот за посетители. Целосно заврши и конзервацијата на старата џамија во селото Равен, Гостиварско… –  додаде Љутков.

Како значајни активности што се реализираа минатата година во делот на капиталните проекти, тој, исто така, посочи: „Обезбедена е нова документација и објавена е нова јавна набавка за реконструкција на Универзална сала; продолжи изградбата на Турскиот театар; деблокирана е изградбата на стариот театар во Струмица; а продолжуваме и со реконструкцијата на театрите во Куманово и во Битола, киното „Партизан“ во Битола се прави со забрзана динамика, завршена е првата фаза од санацијата на покривот на НУБ „Свети Климент Охридски“, додека санацијата на прокиснатите делови во НУ Македонски народен театар се одвива со засилена динамика“.

Во делот на законската регулатива, министерот истакна дека на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) се објавени предлог-измени на Законот за авторско право и сродни права, како и два закони поврзани со управувањето и заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, со цел спроведување на препораките од реактивните мониторинг-мисии на УНЕСКО. Паралелно, во Министерството се формирани работни групи за изработка на нов закон за култура, нов закон за заштита на културното наследство и за изработка на национална стратегија за развој на културата за 2025-2029.

Во делот на меѓународната културна соработка, пак, истакна министерот, буџетот лани бил зголемен за речиси 50 проценти во однос на 2024.

– Особено значајно беше учеството на „Eкспо Осака 2025“, како и настапите на ансамблот „Танец“, Ана и Игор Дурловски, Владимир Четкар и на Кирил Џајковски. Македонија беше присутна на биеналето на архитектурата во Венеција, се одржа манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“ во Рим, со Симон Трпчески, како и настапот на Филхармонијата во „Музикферајн“ во Виена. Отворен е Македонскиот културен центар во Белград, а годината ја заокруживме како домаќини на конференцијата на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, со усвојување на Охридската декларација.

Оваа 2025 година ја обележаа и значајни јубилеи, меѓу кои осумдесетгодишнината на Македонскиот народен театар – потсетник дека културните институции не се само простори туку и живи носители на колективната меморија, вредности и континуитет на едно општество.

Во областа на музичката и музичко-сценската дејност, 2025 година беше година на значајни јубилеи и на врвни уметнички настани. Достоинствено беа одбележани 100-годишнините од раѓањето на Кирил Македонски и на Властимир Николовски, како и 120-годишнината од раѓањето на композиторот Стефан Гајдов. Воедно беа одбележани и 25 години уметничка кариера на пијанистот Симон Трпчески, како и на оперските уметници Ана и Игор Дурловски. Особено значаен момент за македонската културна сцена беше и првиот настап во Скопје на светски познатиот тенор Пласидо Доминго.

Љутков кажа дека програмата на Министерството за култура годинава е реализиран со буџетот од 4 милијарди 851 милиони и 876 илјади денари.

– Нашата заложба за унапредување на квалитетот на продукцијата на националните установи годинава дојде особено до израз. Го враќаме достоинството на културните работници, ја зајакнуваме инфраструктурата и ја позиционираме Македонија како релевантен културен и туристички актер на меѓународната сцена. Свесни сме дека не сите прашања може да се решат во рамките на една година и дека процесите бараат време, трпение и континуитет. Но важно е што поставивме темели, воспоставивме јасна насока и покажавме подготвеност за дијалог, отчетност и за носење одговорни одлуки. Не тврдиме дека сè е совршено, но тврдиме дека, чекор по чекор, се движиме во вистинската насока, без големи зборови, но со јасна одговорност и со континуирана работа – кажа, меѓу другото, министерот Љутков. (Д.Т.)

 Освен град на културата, ќе се избира и град на туризмот

Љутков се осврна и на работата на стратегијата за поефикасна промоција на Македонија како туристичка дестинација.

– Лани фокусот беше ставен на градењето нови партнерства, поддршката на локалните иницијативи и на развојот на одржлив туризам – туризам што ги почитува природата, културното наследство и локалните заедници. Нашата цел е Македонија да не биде само место што се посетува туку и дестинација што остава впечаток и се памети – додаде Љутков, кој најави дека следната година, покрај град на култура (во 2025 тоа е Гевгелија), во следната година ќе се избира и град на туризмот.

Проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, пак, според Љутков, е клучен културен потфат за државата и за главниот град.

– Тоа не е само титула туку и долгорочна визија што ја става културата во центарот на развојот и го позиционира Скопје како современа европска метропола. Потврдата на европската поддршка во Брисел, на 20 ноември, ја стабилизираше целата постапка и го насочи процесот кон транспарентно и професионално функционирање. ЕПК е историска можност за Скопје да се позиционира на европската културна мапа, со јасни стандарди, силна програмска содржина и значајни културни и инфраструктурни инвестиции – истакна Љутков.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ