сабота, јануари 17, 2026
Дома СВЕТ Плановите на Трамп за анексија на островот предизвикаа бура; Протести во Данска...

Плановите на Трамп за анексија на островот предизвикаа бура; Протести во Данска и Гренланд: „Испраќаме едногласна порака!“

31
Foto: EPA

Големи протести против амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп да го преземе Гренланд се очекуваат денес во неколку дански градови, како и во главниот град на Гренланд, Нуук.

На социјалните медиуми, илјадници луѓе ја објавија својата намера да учествуваат во протести во Гренланд и во Данска, во Копенхаген, Архус, Алборг и Оденсе, на иницијатива на неколку гренландски организации.

– Целта е да се испрати јасна и едногласна порака во корист на почитувањето на демократијата и основните човекови права во Гренланд, објасни Уагут, националната организација на гренландските граѓани во Данска, на својата веб-страница.

Организаторите Уагут, граѓанското движење „Раце од Гренланд“ и Инуитите – коалиција од локални здруженија на Гренланд – сакаат да го искористат присуството на делегација на американскиот конгрес во Копенхаген за да ги искажат своите гласови.

Откако се врати на власт пред една година, Трамп редовно споменува преземање на контролата врз огромниот, стратешки важен, но ретко населен арктички остров што ѝ припаѓа на Данска.

Тој вели дека тоа за него е „на овој или на оној начин“ спротивставување на она што тој го нарекува руски и кинески интереси на Арктикот.

Во петокот вечерта, неговиот близок советник, Стивен Милер, ја потврди позицијата на САД за територијата.

„Гренланд е четвртина од големината на Соединетите Американски Држави. Данска, со сето должно почитување, е мала земја со мала економија и мала војска. Не може да го брани Гренланд“, изјави тој за Фокс њуз.

Но, Соединетите Американски Држави немаат намера да „трошат милијарди долари за одбрана“ на територијата, а воедно да ѝ го препуштат својот суверенитет на Данска, додаде тој.

Протестите планирани за сабота доаѓаат три дена по состанокот во Вашингтон каде што данските претставници признаа дека во моментов нема можност за договор со американските лидери за иднината на автономната територија.

Иако неколку европски лидери изразија поддршка за Данска, членка основач на НАТО, американскиот претседател во петокот се закани со царини за земјите кои не го поддржуваат неговиот план за стекнување на Гренланд.

Пoвик за протест има и во Нуук со цел спротивставување на „нелегалните планови на САД да ја преземат контролата врз Гренланд“.

Франција, Шведска, Германија и Норвешка, заедно со Холандија, Финска и Обединетото Кралство, оваа недела објавија дека ќе распоредат воен персонал за извидувачка мисија во Гренланд како дел од данската вежба „Арктичка издржливост“, која ја организираат сојузниците на НАТО.

ИЗДВОЕНИ