Започна со работа новата хала на компанија „Амфенол“ во Кочани. Во план се 500 вработувања, кои ќе се реализираат во две фази. Предвидени се две хали. Со изградба на втората хала ќе се почне идната година.
– Станува збор за исклучително висока технологија, која одговара на најсовремените технолошки процеси, што му дава голема додадена вредност на производот, тоа што нам ни е важно, бидејќи додадената вредност практично влијае врз бруто домашниот производ. Како Влада, поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик туку и финансиски. Преку програмата ќе ги поддржиме овие нови инвестиции на компанијата „Амфенол“ тука, во Кочани. Како што кажа и директорот, во иднина планираме да се прошири инвестицијата на „Амфенол“ и во други градови, така што, за нас, компанијата претставува стратешки партнер – наведе премиерот Христијан Мицкоски при посетата на погонот.
Тој истакна дека „Амфенол“ планира да отвори 3.700 нови работни места во Македонија.
– Тоа е огромен број. Придонесува не само за локалната економија туку и, генерално, за државната економија. Како Влада, со оваа посета и со овој увид сакаме да испратиме порака дека сме партнери со бизнис-заедницата, со инвеститорите, без разлика дали се тоа домашни и странски – истакна Мицкоски и укажа дека во рамките на Советот на странски инвеститори отворено се разговара за проблемите, кои, во добар дел, се решаваат.
– Како Влада, продолжуваме да креираме добра бизнис- клима, стабилност за да имаме квалитетни работни места, што повеќе работни места. И оние што ја напуштија Македонија, да ги вратиме дома. Владата сака да му биде пријател на бизнисот и така и ќе продолжи да се однесува – рече премиерот Мицкоски.