Во Ехлоец, село на падините на планината Стогово во близина на Кичево, в недела ќе се одржи „Екос ин д вајлд“, настан што ги поврзува филмот, музиката и младинската креативност во едно заедничко искуство на отворено. Настанот ќе започне со филмска проекција во организација на Екокулт и Најтфликс, а ќе продолжи таа вечер, на местото познато како На Камен, со диџеј-сетови на Ива Арифај од Србија и на Ацо Саунд и Дарко Јованоски од Македонија. Тие ќе ја донесат енергијата на младата електронска сцена од регионот.
Целта на настанот, според организаторите, е да се создаде нова навика кај младите, каде што уметноста и културните настани ќе бидат гледани како заедничко искуство што може да се случи насекаде.
Како што велат: „И малите села, и планините, и историските места, и заборавените предели може да станат простори каде што младите ја обликуваат својата креативна сцена. А, младите дефинитивно имаат енергија и идеи за да го остварат тоа“.
Настанот е организиран од Монпарнас и е дел од проектот на Вестерн балканс јут калчрл фунд (Western Balkans Youth Cultural Fund), што го спроведува Риџионал јут кооперејшн офис (RYCO) со поддршка на германското Министерство за надворешни работи.
Влезот на настанот е бесплатен.