Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ за в недела организира планинарска пешачка тура од Љубанци кон Бродец. Воедно, ќе биде посетен и водопадот Бучало, кој е по текот на Турчевска Река, по што ќе следува спуштање повторно во Љубанци.
– Патеката е средно тешка, долга е 15 километри, со висинска разлика од 500 метри. Почетокот на турата ќе биде во 8:00 часот, од плоштадот во Љубанци. Дотаму може да се дојде со сопствен превоз или со автобус со бројот „47“, кој ќе тргне од Транспортниот центар, во 8:00 часот, додека автобус за враќање има во 15:05 и во 18:00 часот. Движењето по патеката ќе биде според темпото на најбавниот учесник на турата – информираат од „Убавините на Скопска Црна Гора“.
Од опрема се потребни: разгазени гојзерици, облека според временските услови, мантил за заштита од дожд, стапчиња за помош при движење по патеката, вода и храна според сопствените потреби.