Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ в недела ќе организира планинарска тура од последната автобуска станица во Црешево, преку Виниче, кон врвот на планината, Голем Камен, на 635 метри надморска височина и нагоре, кон Муратово Џаде, по Брњарски пат кон Црешево.
Почетокот на турата ќе биде во 9:15 часот, од последната автобуска станица во Црешево. Дотаму може да се дојде со сопствен превоз или со автобусот со бројот „65в“, кој тргнува од Транспортниот центар во 8:40 часот, додека автобус за назад има во 15:30 часот.
– По патеката ќе се движиме во група и ќе правиме неколку кратки паузи и една поголема пауза на средина од патеката. Да не заборавиме дека по планинските патеки нема црвен килим, туку заеднички треба да ги поминеме сите препреки по патеката – соопштија од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.
Турата ќе биде среднотешка за почетниците планинари, а лесна за искусните планинари. Ќе биде долга 15 километри во целост, со совладување висинска разлика од 400 метри.
Од Здружението, од опрема препорачуваат разгазени гојзерици или гумирани обувки, бидејќи, како што велат, според прогнозата, ќе има врнежи од дожд.
Облеката треба да биде според временските услови, а потребно е да се носи и мантил за заштита од дожд, вода и храна, секој според своите потреби, како и стапчиња за помош при движење по патеката.