Планинарска екотура до врвот Лако Сигној

20

Планинарска екотура до врвот Лако Сигној ќе биде реализирана во јуни, за собирање на ситниот расфрлан отпад во пошироката околина, во организација на алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид.

Како што информираат од клубот, се очекува да се вклучат голем број доброволци.

– Ова е долг процес, кој го планиравме и реализиравме подолг временски период. Локацијата се наоѓа на крстопатот на неколку популарни планинарски патеки како High Scardus Trail и Lake View Trail, кои секоја година привлекуваат илјадници љубители на природата од целиот свет – велат од „Патагонија“.

Оттаму посочуваат дека, соочени со глетката на напуштени објекти и расфрлан отпад на една од највеличествените локации во Националниот парк „Галичица“, минатата година во јуни реализирале голема екоакција.

– По неколкугодишно планирање и трагање по вистинската поддршка, конечно, во јуни и јули 2024 година беше реализирана голема екоакција за расчистување на врвот Лако Сигној ( на 1.984 метри надморска височина). Со успешната акција, го вративме достоинството на просторот и придонесовме за подобро искуство на сите посетители. Беа отстранети остатоците од застарена радиокомуникациска инфраструктура: `рѓосан метал, бетон и железни конструкции, кои со децении ја нагрдуваа природната убавина. Со тоа, врвот повторно го доби својот автентичен лик – информираат од алпинистичкиот клуб „Патагонија“.

Активностите се реализираат со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, во рамкиte на проектот „Авантуристичка зона во НП Галичица“, во соработка со НП „Галичица“ и сo Центарот за управување со кризи.

– Алпинистичкиoт клуб останува посветен на грижата за оваа локација, која е дел од пошироката авантуристичка зона во НП „Галичица“, што ги опфаќа и локалитетот за алпинизам и спортско качување, Виа фератата Доброја, планинската куќа „Спиридон“ и нови содржини што допрва ќе дојдат – наведуваат од „Патагонија“.

 

ИЗДВОЕНИ