Успешно се одржа планинарската акција „Милениумска патека“ на планината Сува Гора, која осма година по ред беше организирана од планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово.
Оваа планинарска тура, која е наменета за почетници и рекреативци, претставува можност за запознавање со големото и богато културно наследство на овој регион и воедно има едукативен карактер.
– „Милениумска патека“ првпат ја организиравме во 2018 година, на иницијатива од Kомисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, како и МПЦ. Маршрутата започнува во селото Блаце, а завршува во селото Волковија, поминувајќи покрај цркви и низ природните убави на оваа планина. Времето беше многу убаво, сите што ја почнаа патеката, ја завршија на крајната дестинација – црквата „Свети Мина“ во Волковија – изјави Борис Стојановски, претседател на ПК „Јелак“.
Годинава клубот евидентираше дека 154 планинари поминале по патеката. Како и секоја година досега, по организираниот превоз од Тетово, движењето низ шумските предели почна од крајот на селото Блаце. Таму прво се стигна до месноста Самовилска Вода и до црквата „Света Троица“.
Од Самовилска Вода, колоната планинари се движеше низ шумските предели кон атарот на селото Стенче, поточно до црквата „Света Петка“.
– Овој предел претставува единствена нагорнина што ја искачуваат планинарите и претставува движење од 720 до 880 метри надморска височина. По краткиот престој, пак се движевме и стигнавме до археолошкиот локалитет – до месноста Граиште, исто во Стенче, каде што слушнавме за значењето на ова место во ранохристијанскиот период и ширењето на православната вера – истакна Стојановски.
Потоа следуваше пешачење до црквата „Свети Илија“ – за мал одмор, а најголемата пауза за одмор и јадење беше во кругот на црквата „Света Екатерина“. Крајниот дел од турата беше предвиден за посета на двете цркви во селото Волковија. Прво, месноста Волковска Чука и црквите „Свети Георги Победоносец“ и „Свети Мина“.