Денеска е пуштен за сообраќај експресниот пат од Фариш до Дреново. Колку била тешка изградбата на оваа делница, пластично опиша министерот за транспорт, Александар Николоски, кој рече дека, по автопатот Кичево – Охрид, овој пат дефинитивно бил најсложениот подвиг што требало да се реши.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека вложувањето во инфраструктурата е реално и транспарентно, а не како во минатото, кога „завршуваа парите во нечии џебови. – Овие средства не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Тие се преточени во реални, опипливи дела. Дојде време кога државата не е банкомат за моќниците, туку мотор на развојот. Проектите повеќе не се рекламираат само на хартија туку се градат на терен – порача Мицкоски.
Денеска е пуштен за сообраќај експресниот пат од Фариш до Дреново. Колку била тешка изградбата на оваа делница, пластично опиша министерот за транспорт, Александар Николоски, кој рече дека, по автопатот Кичево – Охрид, овој пат дефинитивно бил најсложениот подвиг што требало да се реши.
– Ова, можеби, е втората најтешка делница од сите што ги работиме во моментов. По автопатот Охрид –Кичево, ова е дефинитивно најсложениот подвиг што беше за решавање. Тунелите зад нас и планината зад нив беа голем предизвик. Буквално планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден, што е многу значајно. Ние решивме да се помести отворањето за неколку месеци, со цел да имаме максимално безбеден експресен пат по кој ќе може да сообраќаат граѓаните, но, исто така, и да ги отстраниме сите пречки што стоеја при реализацијата на овој пат – нагласи Николоски.
Тој потсети дека овој пат еднаш веќе беше пуштен, и тоа лани, во спот креиран од вештачката интелигенција, а нарачан од СДСМ.
– Во текот на минатата година, за време на изборната кампања, заедно со тогашните кандидати за пратеници, а сега пратеници, снимавме еден спот во кој ветивме дека во рок од една година експресниот пат од Градско, преку Дреново, до Фариш ќе биде завршен. Неколку дена по нас, спот извадија и од СДСМ. Тогашниот носител, Венко Филипче, со тогашниот министер за транспорт, Благој Бочварски. И имаше две реалности, ние излеговме на пат што не постоеше, тие излегоа на завршен пат. И сфативме дека тоа се првите употреби на вештачката интелигенција во Македонија на лош начин, односно со вештачка интелигенција направиле како да е готов патот. Попладнето, кандидатите за пратеници излегоа тука, ги поканија новинарите и се видоа одзади купишта карпи и камења. По една година, сега имаме реалност, а не вештачка интелигенција и затоа ние сме таму каде што сме, а нашите опоненти таму каде што се. Ќе продолжиме да ја градиме Македонија уште поинтензивно – истакна Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченото пуштање на оваа делница долга 10,2 километри и вредна речиси 45 милиони евра, истакна дека станува збор за значаен инфраструктурен проект, кој е од витално значење и за Кавадарци, и за Прилеп, и за Битола, и за Ресен, и за сите општини од Пелагонија.
– Вложувањето во инфраструктурата е реално и транспарентно, а не како во минатото, кога „завршуваа парите во нечии џебови. Овие средства не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Тие се преточени во реални, опипливи дела. Дојде време кога државата не е банкомат за моќниците, туку мотор на развојот. Проектите повеќе не се рекламираат само на хартија, туку се градат на терен – порача Мицкоски.
Со користењето на овој пат, патувањето од Скопје до Прилеп трае час и 5 минути, а до Битола се потребни уште 35 минути, а по реализацијата на автопатот Прилеп – Битола, кој доста интензивно се работи, и за многу пократко време.
– Овој експресен пат започнал да се гради во далечната 2016 година и наместо да се заврши во предвидениот рок, во 2018, договорот со изведувачот „Рубау“ бил раскинат, па потоа, во 2021, повторно започнат да се гради, со рок на изведба до 2023, но и тој рок бил одложуван, за сега, конечно, да го завршиме она што некој друг не успеал да го заврши со години. Сега, со натчовечки напори успеавме да ги завршиме тие 10 километри – истакна директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.
Инаку, на оваа делница има еден тунел со две цевки, 21 мост, 11 потпорни ѕида, 1 вијадукт, 7 АБ- конструкции, бројни потпатници, цевести пропусти и 1 кружен тек на постојниот пат со клучката Дреново.
– Реализирани се изведба на ободните канали, регулација на реката на неколку потези, заштита на косините, поставена е заштитна ограда, хоризонтална и вертикална сигнализација и друга патна опрема, а вкупната вредност на проектот достигна 44,74 милиони евра, средства обезбедени со заем од ЕБОР – рече Трајановски.
(С. Бл.)