Граѓаните и бизнисите во Македонија почнуваат да ги користат придобивките од приклучувањето на земјата кон СЕПА (Единствениот европлатежен простор). Европскиот совет за плаќање ги има одобрено апликациите на девет домашни банки во платежната шема за кредитни трансфери што се оперативни во СЕПА и се очекува другите три банки да се приклучат до крајот на годинава.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска, ова значи дека земјава практично станува дел од СЕПА, со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќање во евра на ист начин како и во земјите од Европската Унија. Од членството во СЕПА, таа очекува бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина.
– Се очекува побрзо, побезбедно и поевтино прекугранично плаќање во евра. Ова е особено важно за македонската економија, која се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и со голем обем на прекугранично плаќање. Оттаму и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ – рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека клучниот чекор за спроведување на оваа реформа било донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, кој беше подготвен од Министерството за финансии и предложен на Владата, како и подзаконските акти што ги усвои Народната банка за спроведување на овој Закон.
– Овој проект е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, приспособувајќи ги стандардите на нашата земја кон европските. Министерството за финансии и Народната банка ќе продолжат со реформите насочени кон економскиот развој и кон подобрување на услугите за граѓаните и за бизнисите – вели министерката.
Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули 2024 година, додека на 6 март 2025 беше прифатена апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања за приклучување на СЕПА, со што се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршува плаќањето во евра. Станува збор за регион што опфаќа 41 земја од Европа.