– Убаво е да се види кога народот ќе си ја земе работата во свои раце за општо добро и здравје на сите. Но, едно е да придонесеш за почиста околина, а друго е кога тоа на некој му е работна обврска и е платен за тоа, исто како што на нас, граѓаните, ни е законска обврска да ѝ плаќаме сметки на Комунална хигиена, вели еден скопјанец во лавината реакции што беа споделени на социјалните мрежи по апелот на ЈП ПОЦ, комуналното претпријатие на општина Центар до граѓаните да им се приклучат во собирањето на сметот
ЈП ПОЦ, комуналното претпријатие на општина Центар, во саботата упати апел до граѓаните да им се приклучат во собирањето на сметот.
– Во последниве недели се соочуваме со сè поголеми тешкотии при подигањето и депонирањето на насобраниот отпад, како и при спроведувањето на дезинфекција на просторите кои претходно беа затрупани со смет. Нашите хигиеничари работат во повеќе смени – и дење и ноќе, секој ден, без прекин. Тие вложуваат натчовечки напори за да се надмине оваа тешка и сериозна состојба. Ве замолуваме да бидете соодветно облечени и подготвени за работа на терен, а доколку имате алат или опрема што може да помогне во акцијата – понесете ја со себе. Да бидеме пример за солидарност и одговорност – се вели во соопштението од ЈП ПОЦ.
Ваквиот повик за вклучување на граѓаните во акцијата за собирање на сметот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
– Убаво е да се види кога народот ќе си ја земе работата во свои раце за општо добро и здравје на сите. Но, едно е да придонесеш за почиста околина, а друго е кога тоа на некој што му е работна обврска и е платен за тоа, исто како што на нас, граѓаните, ни е законска обврска да ѝ плаќаме сметки на Комунална хигиена – вели Иле Јанкуловски.
– Зошто граѓаните да го чистат ѓубрето? Некој плаќа за тоа, а некој зема плата. Има полиција, судови, нека се види каде е проблемот. Зошто не излезе администрацијата од општините и нека го зачистат ѓубрето – вели Љупчо Мицевски.
– Вие ќе земате плата, ние ќе чистиме. Нека не ослободи ЈП ПОЦ од плаќање паркинг, па ќе зачистиме – вели Маја Милошевиќ.
– А да дојдеме ние од другите градови да ви зачистиме, како што ви пратија камиони од Куманово и Кавадарци. Одговорност мора да има, со месеци некој се зафркава и остава ѓубрето да се трупа – вели жителка на Велес.
– Реално „бруки” во државава има колку сакаш, но ова е една од поголемите што се случува во моментов и секојдневно ми е срам што треба на детево да му објаснам како е можно ова да се случува. Тоа не разбира многу кој какви надлежности има и само едно прашање ми поставува: Зошто имаме држава, локална самоуправа, институции, стотици функционери и директори ако не можеме да организираме систем за собирање на ѓубре? Ццц… Што ли ги учат по градинкиве! Се надевам комуналните и општинските институции во Скопје „ќе смогнат сили” да се организираат и да го решат проблемот самостојно, сега и во иднина. Верувам дека ако повикаат за помош и секоја компанија, камионџија, војник, жител… би се ставиле на располагање да помогнеме да кренеме по една лопата. Ако немаат „работници” за стално, има агенции за посредување што можат да „увезат” од таму од кај што има – вели Борис Ефтимоски.
(С. Бл.)












