Во предгрејната сезона од 1 до 15 октомври, граѓаните се дозатоплуваат со клими или со греалки, а некои шетаат по дома со ќебе врз себе, затоа што внатрешната температура им е под 20˚С.

– Секој месец редовно плаќам за парно, а не ја добивам услугата за која давам пари. Станот ми е ладен, особено се чувствува тоа наутро и навечер, па за да затоплам, дополнително ја вклучувам климата. А, што да прават оние што немаат клима или греалка, дали е во ред да шетаат дома со ќебе врз себе? – вели една жителка на населбата Аеродром. Дополнителното вклучување греалка или клима за затоплување им е, исто така, трошок.

Од компанијата АД ЕСМ, која стопанисува со скопските топлани, информираа дека заклучно со вчерашниот ден, 127 објекти немале обезбедено услови за испорака на топлинска енергија поради истите причини и дека тој број е во постојано опаѓање. Велат дека корисниците плаќаат авансни сметки, а за мај, јуни и јули, овие потрошувачи добиваат фактури во кои е извршено порамнување на варијабилниот и на фиксниот дел

 

Грејната сезона во Скопје официјално започна денеска, но согласно со регулативата, испораката на топлинска енергија може да почне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи. Исто така, сè до 15 октомври, на веб-страницата на „ЕСМ Снабдување“ секојдневно се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.

ЛАДНИ СТАНОВИ

Така, на почетокот од месецов, имаше неколку дена кога надворешните температури беа под 12˚С и беше пуштено греењето, иако млако, сепак се одржуваше топлина во објектите кај кои немаше никакви проблеми. Додека радијаторите во повеќе станови, градинки, училишта и во градски установи останаа и натаму ладни. Жители на повеќе населби велат дека деновиве им е студено во становите, затоа што парно воопшто немале, а внатрешната температура им е под 20 степени.

– Секој месец редовно плаќам за парно, а не ја добивам услугата за која давам пари. Станот ми е ладен, особено се чувствува тоа наутро и навечер, па за да затоплам дополнително ја вклучувам климата. А, што да прават оние што немаат клима или греалка, дали е во ред да шетаат по дома со ќебе врз себе? – вели една жителка на населбата Аеродром.

ополнителното вклучување греалка или клима за затоплување им е, исто така, трошок.

Се жалат и воспитувачките во градинките. Велат дека им студи на децата, па бараат од родителите да ги донесат во градинка потопло облечени.

– Што се виновни овие деца што мрзнат во градинките? – револтирана е една воспитувачка во градинка.

Слична е состојбата и во училиштата. Во екот на енергетската криза, дел од училиштата и градинките во Скопје се загреваа со инвертер климатизери, бидејќи парното не работеше. Така што сега ги вклучуваат да ги затоплат занималните и училниците, а тоа е, исто така, дополнителен трошок.

ПРИГОВОРИ

Согласно со правилата за снабдување со топлинска енергија и со тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, во предгрејната сезона доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 Целзиусови степени, снабдувачот е должен да обезбеди температура на греење од 20+1 Целзиусов степен во грејните простории, во времето од 6:00 до 22:00 часот во текот на денот. Доколку не се задоволни од услугата што им ја даваат снабдувачите на топлинска енергија, корисниците можат да поднесат приговор.

Од податоците во извештајот за работењето на Регулаторната комисија за енергетика за 2024 година, може да се утврди дека биле поднесени вкупно 611 приговори од три групи потрошувачи, при што 468 приговори (76,6 %) се поднесени од домаќинства, 13 приговори (2,1 %) се поднесени од образованието и 130 приговори (21,3 %) се поднесени од други потрошувачи. Во споредба со 2023 година, вкупно поднесените приговори во 2024 година се зголемени за 49,4 %.

Ваквата распределба на приговорите е различна во однос на 2023 година, кога биле поднесени вкупно 409 приговори, од кои 55,31 % се однесувале на приговори од групата Д (недоставени или за висина на фактури,начин на пресметка и сл.), 32,04 % се однесувале на приговори од групата Ѓ (инсталирана/ангажирана моќност, пресметка на енергија), додека 15,1 % се однесувале на приговори од групата Е (квалитет на греење, пониска температура и сл.). Секако, пресек за 2025 година ќе се прави во нов извештај на РКЕ.

–  Видливо е дека 42,7 % од вкупно поднесените приговори се однесуваат на приговори од групата Д, односно за недоставена фактура, за висината на фактурата, за начинот на пресметка, за висината на долгот, за пресметана камата, тужби, за промена на потрошувачот, за промена на начинот на плаќање, за плаќањето на ратите, спогодби и двојно платени сметки, како и слично, додека 19,8 % се однесуваат на приговори за квалитетот на греење (пониска температура кај потрошувачот од пропишаната и слично) – се потенцира во извештајот.

АВАНСНИ СМЕТКИ

Од компанијата АД ЕСМ, која стопанисува со скопските топлани, информираа дека заклучно со вчерашниот ден, 127 објекти немале обезбедено услови за испорака на топлинска енергија поради истите причини и дека тој број е во постојан тренд на опаѓање.

– Во делови од градот каде што се врши санација на дефекти на топлификациската мрежа, истите навремено се објавуваат на веб-страницата на „ЕСМ Снабдување“. Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на моментално затворени објекти што немаат услови за испорака на топлинска енергија. Листата е достапна на линкот Затворени објекти – ЕСМ Снабдување – велат од ЕСМ.

Оттаму појаснуваат дека потрошувачите што ја плаќаат топлинската енергија на 12 месечни рати, од август во тековната година до април следната година добиваат авансни месечни сметки/ фактури, во кои покрај фиксниот дел, им се пресметува и авансен варијабилен надоместок.

– Фиксниот дел од сметката/фактурата зависи од ангажираната топлинска моќност, додека варијабилниот дел зависи директно од количината на потрошена топлинска енергија на мерното место. За мај, јуни и јули, овие потрошувачи добиваат фактури во кои е извршено порамнување на варијабилниот и на фиксниот дел, согласно со законската регулатива. Доколку при порамнувањето се утврди дека потрошувачот авансно платил повеќе отколку што е утврдено при мерењето на потрошената топлинска енергија, тогаш ќе му биде вратена разликата на неговата трансакциска сметка (во случај да нема заостанати долгови кон снабдувачот) или ќе му биде одбиена при плаќање на најстарата сметка/ фактура (во случај да има заостанат долг кон снабдувачот). Ако при порамнувањето се утврди дека е потрошена повеќе топлинска енергија отколку што авансно е пресметана, тогаш разликата ќе биде распределена на три еднакви рати и соодветно фактурирана во сметките за мај, јуни и јули – додаваат од ЕСМ.

Оттаму напоменуваат дека потрошувачката на топлинска енергија се регистрира на мерилото во топлинската станица и дека според неа се изготвуваат израмнителните сметки за греење.

– Периодите кога нема греење во објектите (пример, кога е исклучен системот на високи надворешни температури или кога потрошувачите во објектот немаат обезбедено услови за испорака), на мерилото не се регистрира енергија – потенцираат од ЕСМ.

Минатата година, пред почетокот на грејната сезона, 96 објекти немаа обезбедени услови за испорака поради дефекти во внатрешната инсталација, недостапен пристап до топлинските станици и недостиг на електрично напојување на топлинските станици.

– Има случаи кога да се прават поправки во грејната инсталација во стан и по завршувањето на интервенцијата, таа да не биде пријавена во центарот на „ЕСМ Енергетика“. Ние не можеме да пуштиме топла вода, затоа што може да дојде до поплава ако сè уште се работи во станот. Исто така, заедниците на станари треба навреме да си ги платат сметките за струја за работа на потстаницата и за тоа да известат во центарот да им се пушти греењето. Затоа, апелираме до потрошувачите и до заедниците на сопственици на станови што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации, да обезбедат непречен пристап до топлинските станици и да овозможат континуирано напојување со електрична енергија, вклучително и преку плаќање на сметките за електрична енергија. За дополнителни информации, пријави на дефекти или за известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат до „ЕСМ Снабдување“ – до Центарот за грижа на потрошувачи, на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на „ЕСМ Енергетика“, на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872 – велат од ЕСМ.

(С. Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ