четврток, февруари 26, 2026
Дома СКОПСКА Плаќаат месечна карта за паркинг, а не можат да паркираат  

Плаќаат месечна карта за паркинг, а не можат да паркираат  

54

Иако имаат платено месечни карти, корисниците на паркингот АМСМ, со кој стопанисува јавното претпријатие „Градски паркинг“, секојдневно се соочуваат со проблем.

Корисничка на овој паркинг, во редакцијата на весникот ВЕЧЕР, се  пожали дека за разлика од порано, во последните две недели се создава редица пред паркингот, затоа што и корисниците што имаат картички од овој паркинг и плаќаат однапред за услугата, не можат да влезат. Досега тоа беше регулирано така што кога паркингот е со намален капацитет, рампата се креваше за корисниците на картички, додека останатите корисници мораа да чекаат да се ослободи место па да влезат.

Не можеме да стигнеме навреме за работните обврски, а и се прави гужва од автомобили дури до Цветен пазар. Претходно, кога на семафорот кај рампата имаше исцртано зелена нула, ние со картичка можевме да влеземе и секогаш има две-три слободни места. Но, сега, во таква ситуација од централата ја исклучуваат нулата и не можеме да го користиме. Кога се јавив и замолив тоа да се регулира, извесна Валентина на телефон дрско ми рече: „Ако не ти одговара откажи ја картичката“, рече револтираната корисничка.

Друг корисник, исто така, револтиран затоа што доцнел на работен состанок, рече дека се прави проблем каде што го нема.

 – Неколкупати во ваква ситуација се јавив во кол-центарот. Објаснувањето секогаш им е дека паркингот е преполн. Но, ние не сме од вчера. Плаќам и го користам паркингот три години. И секогаш внатре има неколку слободни места. Како до пред три недели немаше проблем, додека не одлучил некој да се исклучи семафорот?! Сите знаеме дека сакаат да соберат што повеќе пари од корисници без картички, а ние што плаќаме однапред, и онака сме им сигурни. Порано имаше портир, па некои ја креваа рампата во ваква ситуација, сега и тука се редуцирани, во куќарката нема никој – рече корисникот. 

Иако официјално беа поставени прашања до претпријатието, оттаму не добивме одговор, но неофицијално, вработените велат дека со издавање на картичката не ти е гарантирано паркинг-место, тоа важи само доколку имаш резервирано паркинг-место.

(А. П.)     

ИЗДВОЕНИ