Шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер, изјави дека е импресивно да се види како успеале возачите на Мекларен, Оскар Пјастри и Ландо Норис, да бидат толку блиску еден до друг во текот на трката за Големата награда на Австрија.
Тие се бореа од почетокот до крајот на трката. Беше интересно само во боксот, при промената на нови гуми, но целта на возачите остана иста: кога нема конкуренција со другите тимови, се борат меѓусебно. На крајот, Норис ја освои својата трета победа во сезоната, со две и пол секунди водство, а на тандемот од Мекларен на подиумот му се придружи и Шарл Леклер од Ферари.
Од друга страна, најголемо разочарување за домашните навивачи беше тимот на Ред бул, кој не освои ниту еден бод на својата патека „Ред бул ринг“. Макс Верстапен ја заврши трката по само неколку кривини во првиот круг, откако беше удрен од Кими Антонели, додека Јуки Цунода беше последен на гридот.
По трката, Хорнер призна дека не разбира како успеал Мекларен да изгради болид што може одблизу да ги следи своите ривали без да ги оштети гумите.
- Импресивно, не сум видел ниту еден друг тим дека го може тоа! Видете ја близината на Пјастри зад болидот на Норис, со полн резервоар гориво на почетокот од трката. Тој практично си „води љубов“ со својот издувен систем од круг во круг, а гумите не умираат. Ако ме прашувате мене, тоа е нивна предност. Успеале да изградат болид што навистина ги штити гумите многу добро и, очигледно, има добра рамнотежа. Не гледам друг болид што може да следи толку блиску без да ги оштети предните или задните гуми. Навистина не разбирам – истакна Хорнер.
Пјастри моментално има 216 бода на чело на генералниот пласман, а по него се Норис со 201 и Верстапен со 155.
Следната трка во Формула 1 е претстојниот викенд, Големата награда на Велика Британија, во Силверстон.