Сезоната во Формула 1 е пред самиот крај и нè чекаат уште многу возбудувања додека да го добиеме новиот шампион. Возачите на Мекларен, Оскар Пјастри и Ландо Норис, влегуваат со исти амбиции за шампионската титула, а тука е и Макс Верстапен од Ред бул, кој сигурно нема да се откаже од борбата за титулата и да ја предаде круната по четири години.

Сепак, во таборот на поранешните „сребрени стрели“, кои сега имаат портокалови болиди, не е сè толку розово и светло. Според швајцарскиот весник „Блик“, австралискиот возач Оскар Пјастри размислува за премин во Ферари по разочарувачката трка во Сингапур. Очигледно, негов тимски колега во 2027 година би бил Бразилецот Габриел Бортолето, кој моментално е член на Заубер.

Според нивните информации, актуелниот лидер во шампионатот ја разгледува можноста да му се приклучи на италијанскиот тим од 2027 година, кога истекуваат актуелните договори на Луис Хамилтон и на Шарл Леклер. Шпекулациите доаѓаат по турбулентниот викенд во Сингапур, каде што Џорџ Расел триумфираше со својот Мерцедес, а возачите на Мекларен имаа мал инцидент во првиот круг. Пјастри потоа јавно ја изрази својата фрустрација од одлуката на тимот да не ги менуваат позициите, иако Ландо Норис го принуди да излезе од патеката и го загуби своето место.

Тензијата меѓу двајцата возачи трае уште од трката во Монца, каде што му беше наложено на Пјастри да го пушти Норис да помине, иако Британецот не беше во опасност од неговата грешка, туку од бавното запирање во боксот. Се чини дека Ландо Норис е малку фаворизиран од тимот пред Оскар Пјастри.

Шефот на тимот, Андреа Стела, се обиде да ја смири ситуацијата, нагласувајќи дека ја разбира реакцијата на Пјастри, но дека тимот очекува возачите отворено да го кажат своето мислење.

  • Оскар кажа неколку работи поради фрустрација во текот на трката, но токму тоа е карактерот што сакаме да го имаат нашите возачи – рече Стела.

Пјастри моментално е лидер во шампионатот во Формула 1 со 336 бода, додека Ландо Норис е втор со 314. Мекларен ја обезбеди титулата кај конструкторите на трката во Сингапур.

Остануваат уште шест трки до крајот на сезоната. Првата е овој викенд во САД, во Остин, по што следуваат Мексико, Бразил, Лас Вегас, Катар и Абу Даби, каде што ќе заврши натпреварувањето на 7 декември.

 

ИЗДВОЕНИ