Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје ќе добие спортска сала. Спортскиот објект првенствено ќе биде наменет за обука на питомците, но ќе биде достапен и за учениците и за жителите на Општина Аеродром.
Резултат е на воспоставената соработка и на потпишаниот меморандум меѓу Министерството за спорт и Воената академија, со цел унапредување на спортските активности во рамките на образованието и обуката на воените питомци.
Новата сала ќе биде со димензии 45×30 метри, со стандарден терен за ракомет, кошарка и за одбојка, со трибина со капацитет за 400 гледачи, со соблекувални и дополнителен поттрибински простор.
– Заеднички испишуваме ново поглавје во развојот на спортската инфраструктура и во вложувањето во младите кадри – истакна министерот за спорт, Борко Ристовски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, го означи почетокот на проектот.
Тој потенцираше дека оваа сала не е само спортски објект туку и училиште каде што ќе се негуваат дисциплината, тимската работа, вредности што се подеднакво важни и за спортот и за воената служба. Ристовски наведе дека инвеститор на овој капитален објект со вкупна вредност од 64.780.000 денари е Министерството за спорт, изразувајќи уверување дека тој ќе биде завршен и пуштен во употреба и пред предвидениот рок.
Министерот Мисајловски потенцира дека е ова прв објект што се гради во рамките на Воената академија по 30 години и како резултат на соработката помеѓу министерствата за одбрана и за спорт.
– Сакам да нагласам дека по 30 години, тука, во Воената академија, се започнува со нов објект. Триесет години постоење, еден нов објект навистина ќе значи и за питомците и за студентите, но и за целата Армија. Не застануваме тука, ќе продолжиме со многу други проекти. Овој проект доаѓа директно од Министерството за спорт и навистина – одлична соработка, благодарен сум. Потпишавме меморандум за соработка и еве, може да видиме дека почнува да се остварува овој проект – рече министерот Мисајловски во изјава за медиумите.
Тој додаде и дека на последната владина седница поминала и реконструкцијата, односно проектот за Домот на АРМ и хотелот „Шар“ на Попова Шапка.
Проектот се реализира во соработка со Министерството за одбрана и со поддршка од Владата.