Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, ја повика Европа да покаже поголема самодоверба во однос на САД и нагласи дека НАТО останува клучен сојуз, додека политиката на Доналд Трамп се карактеризира со страв и неизвесност.
„Би било грешка да продолжиме вкочането да гледаме кон Белата куќа како зајак во змија и да чекаме нешто да се случи. Во тој случај, би го изгубиле фокусот на она што е најважно: да станеме посуверени и независни“, рече Писториус во интервју за медиумската куќа RND.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп се потпира на политиката на несигурност и страв во остварувањето на своите цели.
„Но, оние кои се плашат донесуваат погрешни одлуки. Затоа не дозволуваме да бидеме заплашени“, рече германскиот министер за одбрана.
Писториус, еден од најпопуларните германски политичари, истакна дека на Европа ѝ се потребни САД, но и дека на САД ѝ е потребна Европа.
„Европа е од големо геостратешко и геоекономско значење за Вашингтон“, рече Писториус, додавајќи дека, во случај Европа да влезе во сферата на интереси на Русија, САД би биле меѓу Кина и Русија, што не би било во интерес на никого во Вашингтон.
Германскиот министер дури и не верува дека заедничките темели на НАТО, и покрај најновите превирања околу Гренланд, се доведени во прашање.
„Нема знаци дека САД би го напуштиле НАТО“, заклучи Писториус.












