– Чекав да дојде 18 август, кога мојот пријател, министерот за култура Зоран Љутков, вети дека ќе ја посети меморијалната поставка во чест на Петре М. Андреевски, а по повод мојот објавен текст во кој, врз база на доставени документи од семејството, тврдев дека поставката не се одржува како што треба.
Вети и исполни, и на 18 август најпрвин телефонски ме извести што видел, а видел дека со поставката (на Петре М. Андреевски во селото Слоештица), е сè во ред. Со овие зборови македонскиот писател и колумнист, Венко Андоновски го започна својот текст за весникот „Нова Македонија“, во кој истовремено и му се извини на министерот Љутков за претходната критика за состојбата на меморијалната поставка на нашиот книжевен великан во неговото родно село.
Тој во својот текст посочи и дека по посетата станало целосно јасно дека заоставштината на класикот не е во ужасна состојба, иако заслужува многу повисоко, музејски професионално ниво на третман: постојано работно време, во музејски услови и со кустос.
„И бидејќи министерот го исполни она што ми го вети, да го исполнам и јас тоа што му го ветив телефонски уште на 6 август: ако се покаже дека вистината не е кај А туку кај Б или дека не е ни кај А, ни кај Б, туку на средина (а јас така ценам, без разлика како цени тој), ќе го сторам следново: 1. Ќе изразам благодарност до него што излезе „на терен“ со свои очи да ја види ситуацијата и со свои уши да го чуе семејството и 2. Ќе му се извинам нему и на сите што се најдоа навредени од мојот текст (меѓу кои и градоначалникот на Демир Хисар, г. Никола Најдовски), сметајќи дека не заслужиле таков однос, по однос на напорите што веќе ги вложиле за поставката да опстане. Тоа еве и го правам, со целосно јасна свест дека нивото на кое треба да се подигне оваа поставка е далеку од ова сега. Не се сомневам дека тоа ќе се случи и без јавни реакции со ’сензационализам од јавни личности’, како што рекоа навредените“, напиша Андоновски.