Писателката Румена Бужаровска е една од десетте добитнички на наградата „Жена на годината“ на Harper’s Bazaar

0

Македонската писателка, книжевна преведувачка и професорка Румена Бужаровска е избрана за една од десетте добитнички на наградата „Жена на годината“ на американското месечно женско модно списание „Harper’s Bazaar“ (Харперс Базар).

Според списанието, Бужаровска заедно со хрватската пејачка Јосипа Лисац, костимографката Бојана Никитовиќ, режисерката Катарина Богдановиќ Кукла и уште низа истакнати жени од регионот ја обележале 2025 година со своите професионални достигнувања.

Декемврискиот број на „Harper’s Bazaar“ е целосно посветен на нивните приказни, а во него читателите ќе го најдат и ексклузивното интервју на Бужаровска со Маша Сенишиќ, проследено со впечатливи фотографии од Невена Лукиќ.

Свечената гала-вечер и доделувањето на наградите се одржаа на 28 ноември, во Центарот „Сава“ во Белград, во атмосфера исполнета со инспирација, стил и славење на женското лидерство.

Бужаровска е родена во 1981 година во Скопје. Работи како професорка по американска книжевност и преведување на англиската катедра при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Една е од основачките на иницијативата за раскажување женски приказни „ПичПрич“. Бужаровска е авторка на четири збирки раскази: „Чкртки“ (Или-или, 2007), „Осмица“ (Блесок, 2010), „Мојот маж“ (Или-или, 2014) и „Не одам никаде“ (Или-или, 2018), како и книгичката кратки фикции „Спиј“ (Темплум, 2017). Таа е авторка и на студијата за хуморот во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“ (Блесок, 2012), романот „Тони“ и книгата есеи „Господ, па Америка“.

ИЗДВОЕНИ