Пиротехничка „бомба“ кај Градско: Запленети 25 тони

151

Полициски службеници од ОВР Кавадарци, во координација со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал при Одделот за криминалистичка полиција, на 24 декември 2025 година во 08:35 часот на наплатната станица Градско лишиле од слобода две лица од Скопје.

Станува збор за Н.Р. (41) и И.Р. (41), кои биле затекнати при контрола на товарно возило „Пежо боксер“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Н.Р., додека И.Р. бил сопатник. При контролата, во возилото била пронајдена и одземена поголема количина пиротехнички средства, за кои лицата не поседувале соодветна документација. Тие изјавиле дека пиротехниката припаѓа на правно лице од Скопје.

Инаку, И.Р. е полициски службеник вработен во Полициската станица Бит Пазар.

Во рамки на дополнителните мерки и активности, пред магацин на истото правно лице било пронајдено уште едно товарно возило натоварено со пиротехнички средства, кое било оставено и напуштено.

Денеска, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во магацините на правното лице, при што биле пронајдени и одземени над 25 тони пиротехнички средства.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, во координација со ОВР Кавадарци, продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на случајот. По комплетирање на документацијата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 396 став 7 од Кривичниот законик, а ќе се утврдува и одговорноста на сите инволвирани лица.

ИЗДВОЕНИ