Црвените пиперки извезени во Хрватска кај кои беше утврдено присуство на пестицидот метомил не се вратени во Македонија, а дали се македонски, оставам да проверат службите, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Тој е дециден дека нашите фитосанитарни служби, заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), прават контроли во текот на целата година. Државата, како што напомена, има квалитетен земјоделски производ што се употребува и за домашна консумација и преработка и за извоз.
– Пратката пиперки од Хрватска не е вратена во Македонија, извезена е од нашата држава на 9 септември. Агенцијата за безбедност на храната од Хрватска што ја прави контролата излезе со податоци на 23 септември, што е 20 дена потоа, а тоа отвора простор дали е таа пиперка македонска. Оставам службите да го проверат тоа. Нашите фитосанитарни служби, заедно со АХВ, во текот на целата година прават контроли по тип на производство, како што се откупуваат производите. Се прават проби за евентуално зголемено ниво на пестициди. МЗШВ има и посебни програми за мониторинг што ги следат сите земјоделски производи, да види дали се применува периодот на каренца, дали се употребуваат недозволени препарати – изјави министерот.