Пиперките и доматите не се симнаа под 100 денари кило, нè чека скапа есен и уште поскапа зимница

Намаленото производство на градинарски култури и високите маржи, кои ги ставаат трговците, удрија по џебот на граѓаните. Цените на доматите и на пиперките ова лето не се симнаа под 100 денари за килограм, а така ќе биде и есенва. Земјоделците велат дека граѓаните ги чекаат скапа есен и уште поскапа зимница. Велат дека сушата си го направила своето и удрила и по градинарските култури. Поради тоа, како што велат, како никогаш досега имаме толку скап зеленчук во овој период од годината

237

Пиперката ајварка годинава ќе се откупува по 45 денари за килограм прва класа, што значи дека продажната цена на зелените пазари и во маркетите ќе биде околу 100 денари за килограм. Во екот на бербата, висока е и откупната цена на доматите, која, исто така, изнесува околу 50 денари за килограм. Во моментов, во маркетите во Скопје цените на ајварката и на доматите надминуваат 100 денари и се продаваат по 120-130 денари за килограм. Земјоделците велат дека сушата си го направила своето и удрила и по градинарските култури. Поради тоа, како што велат, како никогаш досега имаме толку скап зеленчук во овој период од годината.

– Приносите на пипер се намалени, а кога има помало производство, нормално е да се повисоки цените. Сушата си го направи своето и ги намали приносите по единица површина. Откупната цена за прва класа изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа изнесува 20 денари, а за трета класа –15 денари. Поради климатските промени и малото производство, и овие цени се ниски. Со оглед на зголемените трошоци за нафта, ѓубриво, наводнување, заштитни препарати, откупната цена треба да биде 60 денари за килограм – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.

Според него, имајќи ги предвид високите маржи, кои ги ставаат препродавачите и трговците, продажната цена на пиперките ќе биде околу 100 денари. Тој вели дека, во споредба со лани, не се намалени површините, намалени се количините, а откупните цени се минимално зголемени за 10 денари. Лани, прва класа се откупуваше по цена од 40 денари, прва/втора класа за 30 денари, втора класа за 20 денари и трета класа по цена од 12 денари за килограм.

За околу десетина дена ќе почне бербата на пиперките и очекува да има доволно количини и за домашниот пазар и за индустријата. Велков се согласува дека со вака високите цени на пиперките ретко кој ќе прави ајвар, бидејќи на граѓаните ќе им бидат потребни многу пари за суровината.

И Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, смета дека цените на пиперот оваа година ќе бидат високи и оти нема да се симнат под 100 денари за килограм.

– Ќе имаме скапа есен и уште поскапа зимница. Во моментов, цените на доматите и на пиперките во маркетите и на зелените пазари се над 100 денари за килограм.  Никогаш досега не се случило во овој период од годината да имаме толку скап зеленчук – вели Каракашев за весникот ВЕЧЕР.

Каракашев вели дека и покрај тоа што се зголемува потребата за градинарски култури, производството се намалува. Според него, освен климатските промени, причина е и тоа што нема ни кој да сади ни кој да бере. Од друга страна, поради високите маржи, кои ги пресметуваат трговците, граѓаните плаќаат високи малопродажни цени.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, истакна дека оваа година е зголемена откупната цена на пиперката во однос на минатата година.

– Пиперката во Македонија се одгледува во два региона, Струмичкиот и Прилепскиот. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперки во текот на денот и да имаме застој во откупот – изјави министерот Трипуновски и додаде дека ќе го следат текот на откупот преку Државниот инспекторат за земјоделство.

Агрометеоролозите препорачуваат почесто наводнување, бидејќи, поради високите температури, се губи водата од почвата, но и од растенијата.

– Загрозени се сите култури, пролетните, окопните, индустриските, градинарските, овошките, виновата лоза, особено оние каде што нема доволно услови за наводнување. Загрозени се и повеќегодишните култури, кај кои резервите на вода и во подлабоките слоеви постојано се намалуваат – укажуваат агрометеоролозите од УХМР.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ