„Пинк Пантер“ го ограби Лувр? Сé наликува на таинствените методи на познатата банда

569
EPA/YOAN VALAT

Неверојатно дрскиот грабеж извршен во неделата во познатиот Лувр ги носи сите обележја на бандата „Пинк Пантер“, се согласуваат британските безбедносни експерти кои го анализираа овој извонреден напад врз најпознатиот музеј во светот.

Непроценливото богатство украдено во грабежот веројатно веќе е прокриумчарено од Франција, тврди Бери Филипс, поранешен оперативен шеф на Летачкиот одред на Метрополитенската полиција.

Богатството, кое вклучува илјадници поединечни дијаманти и смарагди, ќе биде разбиено и обработено за продажба на отворениот пазар, убеден е Филипс.

Француските власти во неделата објавија дека само странски криминалци можеле да го извршат седумминутниот напад врз светскиот музеј.

Филипс, пензиониран главен детектив, рече дека воената прецизност на грабежот сугерира дека го извршила бандата „Пинк Пантер“. Тој додава дека станува збор за криминална организација на поранешни југословенски војници кои наводно извршиле дури 400 грабежи, вредни стотици милиони долари низ целиот свет, вклучително и Велика Британија.

„Тоа совршено се вклопува со нивната претходна работа и методите што ги користат. Овој тим крадци е многу професионален. Тие веќе мора да имаат добро организирана мрежа за преработка и криење на украденото, што несомнено веќе ја напуштила Франција. Пинк Пантер има своја шема на работа. Тие никогаш не крадат слики, бидејќи се тешки за препродажба, пазарот е ограничен. Тие одат само по вреден накит, кој полесно можат да го обработуваат и препродаваат, и така брзо да заработат пари“, вели Филипс.

Тој додава дека „Пинк Пантер“ е на светската сцена на криминалот со децении. И додека многумина би помислиле дека го „подмладиле“ персоналот, Филипс додава дека има и стари професионалци.

„Тоа видео од надзорот дефинитивно е од постар, поискусен човек, кој е многу крупен“, вели тој, додавајќи дека е многу веројатно дека имале информатор во музејот.

„Тешко е да се поверува дека немале некој внатре кој ги идентификувал сите слабости во безбедносниот систем во Лувр. Речиси сум сигурен дека имале некој внатрешен бидејќи ваквите грабежи вклучуваат многу подготовки и планирање“, вели Филипс, нагласувајќи дека таков дрзок грабеж е голем срам за Франција.

ИЗДВОЕНИ