Пилотот кој загина во авио-несреќата во Хрватска, пред два месеци преживеал пад со авион

256

Турски противпожарен авион се урна вчера во близина на Сењ, при што загина пилотот. Контактот со авионот AT802, во сопственост на турската Генерална дирекција за шумарство (OGM), беше изгубен во четврток вечерта, а министерот Ибрахим Џумакли подоцна го потврди трагичниот исход.

Според турските медиуми, пилотот Хасан Бахар преживеал авионска несреќа кон крајот на август годинава. На 29 август, тој учествувал во гаснење на пожар во населбата Јатаган во Мугла, кога неговиот противпожарен авион се урна. Бахар потоа бил извлечен од остатоците повреден, но го загуби животот во вчерашната несреќа во Хрватска.

Според соопштението од Министерството, кое го објавија турските медиуми, два противпожарни авиони AT802 полетаа од Чанаккале во среда, 12 ноември, за Загреб поради закажано одржување. Поради лошите временски услови, тие беа принудени да ја поминат ноќта на аеродромот во Риека.

Летот за Загреб продолжи во четврток во 17:38 часот по турско време, но поради ново влошување на времето, тие одлучија да се вратат на Крк, каде што се наоѓа аеродромот. На враќање, тие влегоа во облаци на надморска височина од 1500 метри. Едниот авион успеа да помине низ нив и безбедно да слета, но радио-контактот со другиот беше изгубен во 18:25 часот.

Веднаш беше започната операција за пребарување и спасување во координација со хрватските власти, соопшти турското министерство.

„На 13 ноември 2025 година, околу 16:53 часот по локално време, беше пријавен падот на авионот „Ер Трактор“ АТ802, со регистрациски број OR 2025, во близина на Криви Пут. Авионот летал по кружна рута од аеродромот Риека до Загреб и назад“, се вели во соопштението на хрватската агенција за за истражување на воздушни, поморски и железнички несреќи.

Агенцијата за истражување на воздушни, поморски и железнички несреќи беше известена за инцидентот веднаш по несреќата од страна на OKC-MUP и, во согласност со одредбите од Регулативата (ЕУ) бр. 996/2010, започнува безбедносна истрага“, се додава во соопштението на Агенцијата.

Министерот за земјоделство и шумарство, Ибрахим Џумакли, објави дека спасувачките екипи ги пронашле остатоците од исчезнатиот авион.

„Остатоци од противпожарниот авион на нашата Генерална дирекција за шумарство, со кој беше изгубен контактот, беа пронајдени во близина на градот Сењ во Хрватска. Изразувам сочувство до семејството и најблиските на нашиот пилот кој загина во оваа тешка несреќа. Нека почива во мир. Сочувство до нашата шумарска организација и до сите наши луѓе“, рече Џумакли.

Генералниот директор на Дирекцијата за шумарство, Бекир Карачабеј, го потврди идентитетот на загинатиот пилот.

„По полетувањето од аеродромот во Риека, радиоконтактот со авионот беше изгубен поради лоши временски услови. Остатоци беа пронајдени во близина на Сењ. Во операцијата за пребарување и спасување предводена од Хрватскиот центар за контрола на воздушниот сообраќај (ATC), беше утврдено дека нашиот пилот Хасан Бахар е убиен. Му посакувам Божја милост на нашиот маченик и изразувам сочувство до неговото ожалостено семејство и нашата организација“, напиша Карачабеј на социјалните мрежи.

ИЗДВОЕНИ