Лавина реакции вчера предизвика објавата на социјалните мрежи на писателот и дописен член на МАНУ, проф. д-р Венко Андоновски, за наводна негрижа за меморијалната поставка на Петре М. Андреевски во селото Слоештица. Имено, тој напиша дека добил мејл од неговиот пријател, академскиот сликар Сергеј Андреевски, синот на книжевниот гениј, дека спомен-домот е во очајна состојба и дека сите негови ракописи и лични предмети се во опасност. Побарал поддршка од него, но и од сите истакнати јавни личности и институции да се зачуваат да не пропадне, да не се уништи дел од македонскиот книжевен трезор, поради негрижа од институциите. Експресно, исто така на социјалните мрежи, се огласи министерот за култура, Зоран Љутков, кој презеде обврска лично да ја посети поставката, иако не е под негова надлежност, а подоцна градоначалникот на Демир Хисар со фотографии и факти покажа дека меморијалната поставка се наоѓа во одлична состојба – и објектот и експонатите се редовно одржувани. Сепак, се поставува прашањето како на оваа лавина ќе реагираше самиот Петре.  Можеби во оваа пригода најприкладен би бил цитатот од романот „Тунел“

 

Лавина реакции денеска предизвика објавата на социјалните мрежи на писателот и дописен член на МАНУ, проф. д-р Венко Андоновски, за наводна негрижа за меморијалната поставка на Петре М. Андреевски во селото Слоештица. Имено, тој напиша дека добил мејл од неговиот пријател, академскиот сликар Сергеј Андреевски, синот на книжевниот гениј дека спомен-домот е во очајна состојба и дека сите негови ракописи и лични предмети се во опасност. Побарал поддршка од него, но и од сите истакнати јавни личности и институции да се зачуваат да не пропадне, да не се уништи дел од македонскиот книжевен трезор, поради негрижа од институциите.

„Од што да се уништи?! Од влага, несоодветен покрив и просторија, од хронична негрижа и јавашлук да пропаднат ракописите и личните предмети на класикот?!!!

Или вистинското прашање е: не од што, туку од кого да пропадне? Пишувале синот и пријателите на Петрета писмо до господата локални и глобални политички моќници – ама наишле на тотален бојкот! Па зар до тоа дојдовме – семејствата да се грижат за столбовите на македонската култура, а не државата?! Јасно е: ќе пропадне тоа од едикојси наместен локален полтрон на некои политички избори. Или, како што напишав во една колумна за претходните (а и овие сега не влечат поука) – кои сте бре вие?! Ќе пострада Петре од едикојси, или, да се огласам со револт – еј, кои сте бре вие рака на Петрета да кревате?! Што му правите на човекот кој и кога ја љубеше Дениција учествуваше во создавањето на првата македонска држава?! На човекот што ја нареди македонската книжевност и нејзината поезија до светските величини? Човекот што неодамна, во предговор за руското издание на „Пиреј“, го нареков македонски Толстој во прозата, зашто навистина, барем со „Пиреј“, Петре е за македонската книжевност истото она што е Толстој со „Војна и мир“ за руската!“, напиша меѓу другото Андоновски. Тој побара од надлежните итно да се преземат мерки постановката за генијот Петре М. Андреевски да стане државна сопственост и да се стави под целосна државна заштита.

Оваа објава буквално предизвика потрес на социјалните мрежи. Се споделуваше и се бараше одговорност.

На социјалните мрежи експресно се огласи и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој посочи дека како министер чувствува одговорност да реагира и да дејствува, иако поставката формално не е под нивна ингеренција и најави посета на Слоештица на 18 август.

„Одам не само како поединец, туку како глас на сите оние што не се согласуваат културното наследство да се заборава, запоставува и распаѓа. Сакам со свои очи да видам во каква состојба се наоѓа просторот што треба да биде светилиште на македонскиот дух и збор“, напиша Љутков, кој додаде дека, сепак, до него не е пристигнато никакво официјално обраќање или известување во врска со условите во кои се наоѓа оваа поставка. Ја информираше јавноста дека ќе ја преземе  обврската да обезбеди траен, соодветен и институционално признат простор за презентација на ликот и делото на Петре М. Андреевски во рамки на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје.

„Овој простор ќе овозможи достоинствена поставка на ракописи, лични предмети и архивски материјали на Андреевски, пристапност за истражувачи, студенти и граѓани и институционална грижа и заштита на неговото културно наследство.

Верувам дека ова не е само чин на оддавање почит, туку и исправување на долгот кој македонската култура го има кон еден од своите највеличествени творци.

Петре М. Андреевски не е само писател. Тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Неговото дело мора да биде зачувано таму каде што му е местото, во срцето на нашата културна меморија“, објави министерот Љутков.

Во текот на вчерашниот ден, исто така на социјалните мрежи, се огласи и градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, кој со фотографии  и аргументи ги демантираше обвинувањата.

„Меморијалната поставка се наоѓа во одлична состојба – и објектот и експонатите се редовно одржувани. Објектот е во сопственост на Општина Демир Хисар, а неговото управување е доверено на невладина организација избрана на јавен повик, спроведен и усвоен од страна на Советот на Општината“, напиша Најдовски и наведе повеќе конкретни активности за афирмација на ликот и делото на Петре М. Андреевски, меѓу кои преименување на градската библиотека со неговото име, изработка на впечатливи мурали на Домот на културата посветени на неговото дело, поддршка на културни настани и проекти што ја слават неговата книжевна оставина. Истовремено, ја осуди практиката на јавни личности да шират непроверени и невистинити информации преку социјалните мрежи, без ниту обид за контакт или консултација со надлежните институции.

„Таквиот пристап не придонесува кон заштита на културните вредности, туку напротив – создава лажна слика и недоверба во институциите кои секојдневно вложуваат труд и средства во таа насока. Јавната комуникација преку социјални мрежи, особено кога се заснова на дезинформации и претпоставки, е недозволив начин на однос кон сериозни теми како што е културното наследство“, напиша првиот човек на Демир Хисар.

Оваа објава ја сподели и министерот Љутков.

„Наместо сензационализам, потребна ни е одговорност, особено кога станува збор за културното наследство и споменот на една од најзначајните личности на македонската книжевност. Јавната комуникација треба да биде поткрепена со проверени информации и институционален дијалог, а не со претпоставки и лични толкувања. Сепак, на 18 август заедно со директорот на Националната и универзитетска библиотека ’Св. Климент Охридски’ во Скопје, Јовица Никчевски, ќе ја посетиме меморијалната поставка во Слоештица, со искрена намера лично да се увериме во состојбата на просторот кој го слави делото на Петре М. Андреевски. Верувам дека зачувувањето на неговото наследство е заедничка одговорност и на институциите, и на поединците“, посочи Министерот Љутков.

Случајот доби и политичка димензија, па вчера се огласија и од опозициската партија СДСМ, кои во својата реакција меѓудругото велат: „Срамно е, болно и понижувачки за целата држава кога синот на Петре М. Андреевски, еден од најголемите великани на македонската книжевност, мора да бара поддршка за да се спаси спомен-куќата на неговиот татко од влага, заборав и молк“. Тие ја обвинија власта за запоставување на културното наследство.

Во текот на вчерашниот ден, весникот ВЕЧЕР се обиде да стапи во контакт со уметникот Сергеј Андреевски, но за жал, до затворањето на весникот не успеавме да го добиеме и да го пренесеме неговиот став.

Кога се помислува на поезија, на уметност од зборови, на љубовта во нејзината најсилна форма, тогаш се помислува на вечниот и незаменлив Петре М. Андреевски. Неговите ингениозни дела, цитати, не само што се учат и не се забораваат туку се споделуваат и на социјалните мрежи. Токму таму од каде што почна целата лавина. Се поставува прашањето како на оваа лавина ќе реагираше самиот Петре. Можеби во оваа пригода најприкладен би бил цитатот од романот „Тунел“.

„Вината никој не ја сака, иако таа, безмалку, е во секого. И вистина е така. Кај некои е повеќе, кај други – помалку, ама сите еднакво не ја сакаат. И бегаат од неа, како од чума.”  (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ