Петнаесетмина ученици од штипско средно училиште имале симптоми на труење

18

Петнаесетмина ученици од штипско средно училиште што минатата недела на големиот одмор јаделе сендвичи од блиската сендвичарница киоск, имале симптоми на труење. Епидемиологот во Центарот за јавне здравје Штип, Светлана Живкова, вели дека биле земени примероци од инкриминираната храна за лабораториско испитување и брисови од работните површини, дека ги очекуваат резултатите најдоцна до утре и дека ќе ги објави Институтот за јавно здравје.

– Направивме епидемиолошко анкетирање на сите пријавени лица. Извршена е едукација на вработените во однос на начинот на подготвување на храната, складирање, чување на храната, спроведено е тоа на самото место. Дополнително се дадени предлог-мерки и земени се брисови од вработените. Направен е и вонреден санитарен преглед и плус се земени мостри од храната за испитување – вели Живкова.

Таа посочи дека објектот е затворен и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Живкова додава дека ќе се изврши и дезинфекција по биолошки индикации и механичко чистење на објектот.

Во текот на вчерашниот ден, Агенцијата за храна и ветеринарство информираше дека, по добиена пријава од Центарот за јавно здравје Штип, пет лица се здобиле со симптоми на труење, дека извршиле инспекциски надзор во сендвичарницата, дека биле земени примероци од инкриминираната храна за лабораториско испитување и брисови од работните површини. По наредба на инспекциските служби на АХВ, сендвичарницата е времено затворена, сè до добивање на резултатите од лабораториските испитувања, со кои ќе се потврди нејзината безбедност.

Мајка чие дете по труењето заврши на Инфективното одделение во Клиничката болница – Штип, изјави дека нему му се јавиле симптомите по јадење сендвич со пилешки стек и компири.

ИЗДВОЕНИ