Институтот за комуникациски студии (ИКС) иницира петиција за вклучување на македонската сивка (Pseudochazara cingovskii) во анекс 1 на Конвенцијата CITES за да се спречи нејзиното исчезнување поради нелегалната меѓународна трговија.
Од ИКС велат дека овој критично загрозен и ендемски вид пеперутка во Европа живее само во варовничките предели кај превојот Плетвар. Со хабитат помал од 10 квадратни километри, таа е изложена на голем ризик од исчезнување, особено поттикнато од побарувачката на колекционерите на инсекти.
Тие и германската организација „Pro Wildlife“ упатиле писмо до македонските институции, со барање Македонија формално да поднесе предлог до CITES, најдоцна до 27 јуни, пред конференцијата на страните (CoP20), која ќе се одржи во Самарканд, од 25 ноември до 5 декември 2025.
Спорд ИКС, вклучувањето на овој вид во анекс 1 на Конвенцијата CITES ќе овозможи: забрана на меѓународната трговија, поддршка за националните и за граничните контроли, подигнување на свеста за заштита на видот на глобално ниво.
Предлогот произлегува од истражувачката сторија на ИКС, која прва обелодени за случаите на противзаконско ловење и на трговија со овој уникатен вид.
Доказите посочуваат на тоа дека меѓународната трговија со видот, мотивирана од побарувачката на колекционерите на инсекти, значајно придонесува кон неговото намалување. Многубројни извори потврдуваат за илегална интернет и физичка трговија со видот, вклучувајќи и неколку европски пазари што се специјализирани за трговија со инсекти. Начинот на кој лета и периодот што го минува во мирување, го прават видот Pseudochazara cingovskii уште полесна цел за ловење.
(А. П.)