Европскиот првак во мотоциклизам, Петар Мијалков, заедно со своите пријатели, и оваа година ја продолжи хуманата традиција, четврта по ред, со посета на децата со посебни потреби во Штип, приредувајќи им претпразнично изненадување.
Мијалков и неговиот тим се дружеа со децата од три институции во градот – Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“, Дневниот центар за деца со посебни потреби во Ново Село и Дневниот центар за деца со аутизам.
Во рамки на активностите, во центарот на Штип се одржа и традиционалниот настан „Дедо Мраз на две тркала“, на кој беа поделени новогодишни пакетчиња за повеќе од 500 деца, создавајќи празнична атмосфера и радост кај најмладите.
„Оваа хумана мисија покажува дека успехот има вистинска вредност само кога се споделува со другите. Петар на настанот беше придружуван од својот син Драган, испраќајќи силна порака дека хуманоста, солидарноста и грижата за другите се вредности што треба да се негуваат и да се пренесуваат од генерација на генерација“, велат од тимот на мотоциклистот.












