Нашата врвна солистка, Ана Петановска, и гостите Џудит. Н Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит од Данска, Клара Лукас од Германија и Мартин Лин од Данска, вчеравечер, ги испеаја најпознатите диско и поп-хитови од 70-тите и од 80-тите години. Нивните интерпретации беа вистинска музичка магија, која разбуди носталгија кај присутните, враќајќи ги во едно минато време, кога се создаваше безвремената популарна музика

Василичарските концерти во организација на Македонската опера и балет станаа традиција што не се пропушта. Секоја година салата е полна до последното место и се бара билет повеќе. Така беше и годинава со „Дисковечер“, кога нашата врвна солистка, Ана Петановска, и гостите Џудит. Н Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит од Данска, Клара Лукас од Германија и Мартин Лин од Данска ги испеаја најпознатите диско и поп-хитови од 70-тите и од 80-тите години. Нивните интерпретации беа вистинска музичка магија, која разбуди носталгија кај присутните, враќајќи ги во едно минато време, кога се создаваше безвремената популарна музика.

Ана Петановска

Под диригентската палка на извонредниот Џијан Емин, кој го водеше оркестарот на Македонската опера и балет и Националниот џез-оркестар, и во режија на Дејан Прошев, вечерта започна со познатите нумери „Can Take My Eyes Of You“ и „Don’t Leave Me This Way“ во изведба на Џудит. Н Беноа, за да продолжи со хитовите „Dancing Queen“ и „Waterloo“, кои заедно ги изведоа Клара Лукас и Ана Петановска. Даниел Ситрит ја продолжи музичката вечер со изведба на песните „I Wish“ и „In The Stone“, а Марк Линдблад со нумерите „September“ и „Uptown funk“…

Бурниот аплауз беше доказ дека програмата со хитовите од Дона Самер, АББА, „Би Џиз“, Мајкл Џексон, Глориjа Гејнор, Стиви Вондер и многу други во целост ги исполни очекувањата на присутната публика, која во рамките на двочасовниот концерт имаше можност да слушне и други нумери низ современи симфониски аранжмани.

Даниел Ситрит и Мартин Лин

Сепак, мора да се каже дека ѕвезда на вечерта беше нашата Ана Петановска, која, меѓу другото, беспрекорно ги изведе добро познатите нумери „Lady marmalade“, „Stuff Like That“ и „Ai No Corrida“. Она што, исто така, ги одушеви присутните е изведбата на сплетот песни од групата „Boney M“ – „Rivers of Babylon“, „Sunny“, „Ma Baker“, „Rasputin“, кои ги изведоа Ана Петановска, Марк Линдблад и Даниел Ситрит.

По изведба и на други познати нумери, концертот заврши со песната „Ние сме семејство“ (We are family), која ја изведоа солистите заедно и ја кренаа публиката на нозе, а по стоечките овации, беше побаран и бис.

Џудит Беноа

Придружни вокали беа Анита Русевска, Марија Наумовска, Мила Николовска, Маја Блажевска и Денис Димоски.

Публиката уживаше во уште една извонредна вечер, која беше сценски збогатена со реквизити и со осветлување, кои целосно ја доловија дискоатмосферата. За сценографијата и за видеодизајнот беше задолжена Марија Ветероска, а за светлото – Милчо Александров.

Клара Лукас и Ана Петановска

Позитивните реакции на публиката по концертот беа сосема очекувани со оглед на исклучителното сценско и музичко доживување.

Вечерва ќе се одржи и вториот концерт. (Д.Т.)

Фото: П. Стојановски

 

 

ИЗДВОЕНИ